Универзитетот “Св. Климент Охридски”- Битола го издаде првиот број на Нови хоризонти – списание за студентски истражувања. Првиот број на списанието е колекција од шест истражувачки трудови од различни дисциплини, чии автори се студенти од УКЛО во соработка со нивните ментори.
Истражувачките трудови се избрани како најквалитетни според определени критериуми за вреднување и нивно презентирање на Универзитетската студентска конференција. Објавените авторски дела во првиот број на списанието Нови Хоризонти третираат разнообразни теми, од урбан развој и медицина до лингвистика и технологија. Секој студентски труд нуди единствена и по многу нешта авангардна перспектива својствена на младите луѓе и дава нов придонес во разбирање на светот околу нас.
По повод публикувањето на Нови хоризонти како специјализирано списание за студентски истражувања, УКЛО ја истакнува неговата уникатност. Тоа е засега единствена публикација во Македонија посветена на студентските истражувања и воедно има пионерска амбиција во промовирањето и афирмирањето на студентското истражување. Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски со големо задоволство истакнува дека списанието како прво од ваков вид во Македонија на УКЛО му дава голема причина за гордост.
Главниот и одговорен уредник на научното списание Хоризонти и Нови Хоризонти, проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ, посочува дека признанието за достигнувањата на студентите истражувачи се однесува и на менторите, кои ги воделе и инспирирале на истражувачкиот пат. Нивната непоколеблива поддршка и експертиза во обликувањето на истражувачките потфати е фундаментална за негување на следната генерација на научници и иноватори. Со новото студентско списание, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ја потврдува својата посветеност кон студентите, истражувањето и подобрување на целата заедница.
УКЛО смета дека списанието Нови Хоризонти ќе овозможи откривање на новите хоризонти во студентското истражување.