Home » Промовиран првиот број на женскиот алманах за култура и урбано живеење „Муза“

Промовиран првиот број на женскиот алманах за култура и урбано живеење „Муза“

by culturalchat

На 6 јули 2024 година, во прекрасниот амбиент на Офицерскиот дом во Битола, во 12:00 часот, се одржа промоцијата на првиот број на женскиот алманах за култура и урбано живеење „Муза“. Настанот привлече значајна публика од различни делови на општеството, вклучувајќи уметници, претприемачи, академици и бројни поддржувачи на женскиот активизам и родовата еднаквост.Промоцијата започна со топол поздрав од Илија Талев, уредникот на „Муза“, кој ги поздрави присутните и ја сподели приказната за инспирацијата за создавањето на алманахот. Тој нагласи дека: „Муза“е посветена на силните и инспирирачки жени, кои ги преминуваат врвовите на успехот во сите сфери на живеењето,и дека списанието има цел да биде извор на инспирација и информации за сите жени. Неговата непосредност и природност во излагањето создаде топла и пријатна атмосфера.Името „Муза“, како што изјави Талев,  е избрано поради две причини:

  • Веруваме дека секоја жена, независно од нејзината професија, позиција во општеството, стил на живот или влијание, е нечија „Муза“ – извор на инспирација и сила.
  • „Муза“ е еден од повисоките планински врвови на планината Баба, во рамки на националниот парк Пелистер во југозападниот дел на Македонија (неговата надморска височина изнесува 2.351 метри), што во случајот симболизира височина и достигнување“. Во првиот број на алманахот се интервјуата со: Славица Јанкуловска Цаци (моден креатор), Ирена Димовска Митревска (вокалистка на рок групата Код 369), Надја Петровиќ (ликовен уметник), Билјана Исијанин (современа уметност), Елена Бошбож (писателка), Валентина Грамосли (актер), Мила Рориќ (архитект), Жанета Ристевска (психолог), разговор со Марта Христовска (Графо Пром) за бизнис-секторот, Александра Шијаковска (социјални мрежи), мини профил на музејскиот работник Наде Геневска Брачиќ, профил на здружението „Гласно за МС“ (здружение за помош и поддршка на лица заболени од Мултипна Склероза), колумни на Ивана Ангелковска (тренер за емоционална и енергетска трансформација) и Јована Матевска Атанасова (писател), текстови за женски активизам, женско претприемништво и друго.Настанот продолжи со коктел, на кој гостите можеа да се запознаат и да разменат мислења со уредникот, инволвираните во алманахот (чии интервјуа, профили или активности беа составен дел од списанието) и останатите присутни. Овој неформален дел од промоцијата создаде можност за вмрежување и градење на нови пријателства и соработки. Целокупната атмосфера на настанот беше исполнета со позитивна енергија и ентузијазам, што го прави овој настан значаен момент за сите присутни. Првиот број на „Муза“ беше пречекан со големо одобрување и пофалби, што ја потврдува важноста на вакви иницијативи за промоција на женската креативност и успех.

Со оваа успешна промоција, „Муза“ официјално започнува со својата мисија да инспирира и информира, охрабрувајќи ги жените да ги следат своите страсти во полето во кое делуваат и да го менуваат светот околу нив.

Фотографии:Илија Талев,  Bitola news, приватни архиви на Славица Јанкуловска Цаци, Билјана Исијанин, Жанета Ристевска, Александра Весели Шијаковска.

 

Related Articles