Home » Промовиран Галерискиот простор при Офицерскиот дом во Битола

Промовиран Галерискиот простор при Офицерскиот дом во Битола

by culturalchat

Со презентирање на изложбата „Современата уметност во Битола“ се промовираше и галерискиот простор при ЈОУ. Културен и Информативен центар – Битола во Палатата на културата – Офицерски дом . Оваа изложба претставува единствен ваков пресек на автори и дела поврзани со Битола. На изложбата беа поканети да учествуваат со свои дела уметниците кои работат и творат во Битола, ченовите на ДЛУБ , уметниците кои се родени или потекнуваат од Битола и околината, но и оние кои живееле и работеле на овие простори и своите дела ги инспирале од пределите, луѓето и настаните во овој град, како и наследниците на уметниците кои веќе не се помеѓу нас, но како завештание ги чуваат нивните дела. Сите тие благородни луѓе, уметници и творци ги одстапија делата на уметниците чие име продефилирало во градот и оставило трајни ликовни вредности и на тој начин придонесоа денес да ја имаме оваа изложба.

„Вредните работи се сѐ поретки, па затоа и вниманието што го предизвикуваат е еднакво на нивната вредност. Вечерва беше празник за ликовните уметници и вљубениците во ликовната уметност како и за сите оние кои во голем број дојдоа на изложбата “Современета уметност во Битола”. Им благодариме на сите оние кои ја подготвија и овозможија ова единствена изложба. Благодарност до Градоначалникот Тони Коњановски за неговата поддршка“, истакна директорката Лили Бошевска.

Оваа иницијатива  е воедно и исход на заложбата на Градоначалникот на Општина Битола, да излезе во пресрет кон барањата на  ликовните уметници од Битола за решавање на проблемот со изложбен галериски простор во Битола.

„ Да се стои пред ваква импозантна колекција на дела од современата ликовна уметност од Битола, е чест и гордост . Човек само може да посака вакви работи во нашиот град се повеќе да се случуваат . Битола има уште еден простор, од кој треба да го искористиме секое катче од оваа убава зграда, гордост на нас битолчани и да покажеме дека Битола секогаш е град на уметноста . Ако со нешто можеме да се гордееме, а тоа го чувствувам при средбите со дипломатите кои често доаѓаат во Битола, тоа е уметноста. Битола за мене е центар на уметноста и културата. Благодарност за оие кои ги отстапија делата за да може јавноста да ги види. Тука сме како општина да го истакнеме она што е наше богатство со она што можеме да се гордееме, тоа што не разликува од другите градови , секој град има свои особености, но Битола го има сето тоа на едно место. Јас се надевам дека ќе имаме многу вакви изложби во овој простор“, истакна градоначалникот Коњановски.

Реномираниот македонски графички уметник, сликар, сценограф Владо Ѓорески – Рафик направи анализа на сите дела застапени во галерискиот простор. На изложбата рече:

„ Битола е феномен, посебна ситуација не само во Македонија, туку и многу пошироко и сметам дека треба да се обрне акцент врз толкувањето на овие траги. Ова не се само ликовни дела ова се тестаменти од луѓето кои беа ,кои се, кои ќе бидат , луѓето кои ја градат нашата духовна вертикала. Тука е нашиот опстанок, во она што го имаме како чувста , мисла, да го прикажеме  и да го пренесеме на следните генерации. Ова што се случува во овој простор  е обид да се спротиставиме на целата темна страна која е надвисната над човекот.  Ова е мал дел на светлина во простор во кој се надевам сите слоеви на оваа средина ќе бидат полека откривани како љубов како вистина. Ова е само почеток  на оваа зграда која ќе оди во откривање на тие големи тајни кои ги чува Битола, а верувајте се насекаде низ градот, ова е обидот да се отвори нашата вистина и ова е важен сегмент во опстојувањето на овој град и оваа нација“.

Изложбата може да се погледне секој работен ден во Галерискиот простор на Офицерски дом.

Со овој простор Битола доби уште едно место каде ликовната уметност ќе го има својот дом, а ликовните уметници местото каде ќе ги презентираат своите дела.

 

 

Related Articles