Home » Промовирана најновата книга на Марко Виденовиќ и Ана Бунтеска „Љубост“

Промовирана најновата книга на Марко Виденовиќ и Ана Бунтеска „Љубост“

by culturalchat

“Љубост” е најновата книга на битолчанецот Марко Виденовиќ која ја напиша заедно со Ана Бунтеска, а чија промоција се одржа во Скопје. На истата делови од книгата прочитаа актерите Емилија Мицевска и Бојан Лазаров. Книгата е во издание на Просветно дело.„ Има ноќи кога сонот се претвара во несоница, онаква скокотлива и тајновита. Телото не те послушува, очите не трепнуваат, а на лицето некоја блажена насмевка. Посакувам почесто такви ноќи секому, оти само ако спиеме, сѐ ќе преспиеме, па и сиот живот. Вечерва имав Божји дар повторно да сум опкружен со луѓе убави, знајни и незнајни, а сега веќе и оние што беа незнајни ми се знајни. Сите Вие убави луѓе сте нашата инспирација, нашите бели гулаби кои насекаде ги носат писанијата наши! Да сме здрави и живи и само со Љубост да се прекриваме!“, истакна Марко.Бунтеска во колумната посветена на „Љубост“ напиша:

„Во ова време кое е повеќе невреме, во овој свет во кој фраерлукот е поважен од честа и чесноста, во услови кога повеќе се цени материјалното од духовното, се обидовме да одиме чекор понапред и да си/ви дадеме надеж оти сепак без љубов не нé бива. Колку и да звучи ова како изветвена фраза, клише или можеби само наивност, убедена сум дека ништо, ама баш ништо нема поголема моќ да нé смени на поарно од присуството на љубовта. А љубовта? Неа ја има секаде и насекаде, токму каде и да се завртите. Со Марко ја наоѓавме љубовта во секое ќоше на Македонија, во она што е на небото и над него, на земјата и под неа. Токму затоа нашата книга е поклонување пред љубовта која ја видовме на повеќе и посуштински нивоа, отколку класично фокусирање на неа од машко-женски аспект.“ На крај Ана и Марко се потпишуваа на заедничкото прекрасно дело. Неодамна Марко ја промовираше и својата трета стихозбирка со наслов „Будење“.

Член е на Македонската филхармонија повеќе од 20 години , водач на виоли и за него таа е втор дом и начин на живот. Како член на повеќе камерни состави и ансамбли („Бревис квартет“, „Мјузик прогресив квартет“, ансамблот за современа музика „Алеа“, Битолски камерен оркестар, Младински оркестар на Југоисточна Европа, оркестарот на Музичка младина на Македонија, Камерниот оркестар на Македонската филхармонија и др.), настапувал на подиумите во Македонија и во светот. Свое учество како композитор и аранжер имал во филмовите „Трето полувреме“ и „Балканот не е мртов“, како и комплетен автор на музиката што ја изведува „Мјузик прогресив квартет“.

 

 

Related Articles