Монографијата „Ристо Стефановски“ за еден од највлијателните театролози, долгогодишен театарски работник и театарски историчар беше промовирана по повод Светскиот ден на театарот, 27 Март. Промотор на монографското издание беше Искра Гешовска, теоретичарка на книжевност и уметност. Актерите Александар Степанулески, Предраг Павловски, Маја Вељковиќ-Пановска и Јована Спасиќ пред посетителите прочитаа делови од книгата. На промоцијата беше присутна и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која истакна дека за Ристо Стефановски театарот беше и живот и мисија.„Затоа нема посоодветен датум од Светскиот ден на театарот, за да се промовира монографијата во негова чест и нема поприкладно место од салата на Драмскиот театар, зашто тој беше основач и директор на оваа значајна установа. Монографијата „Ристо Стефановски“ е вреден артефакт, во кој е сочувана бесценета фактографија како потврда за децениската посветеност кон театарот на нашиот врвен театролог, хроничар и културен работник. Меѓу кориците на ова дело, младите ќе ги откриваат тајните на театарот, моќта на уметноста, но и ќе се запознаат со извонреден пример на работна етика и професионалност во струката. Како благодарност за неговиот влог во развојот на театарот, големата сала во Драмскиот театар ќе го носи името „Ристо Стефановски“. Доајените на македонската култура ја имаат мојата длабока почит и затоа високо ја вреднувам одлуката, со којашто името на овој претставник од скапоценото театарско семејство Стефановски, ќе биде потсетник и за идните генерации, како трајна вредност во македонската култура“, истакна таа.Програмската активност во Драмскиот театар продолжи со именување на големата театарска сала во сала „Ристо Стефановски“, со што неговиот влог во развојот на театарот не се препушта на заборавот. Членови на неговото семејство, бројни колеги актери и почитувачи на неговото дело беа дел од настанот. Тимот што работеше на ова издание е составен од Викторија Рангелова Петровска, Димитар Николовски и Теа Беговска, а монографското издание внимателно уредено од Александра Бошковска, е важен придонес кон аргументацијата за историското значење на Ристо Стефановски не само за Драмскиот театар, туку за историјата на современиот театар. Во него се поместени делови од неговите дневнички записи, делови од рефлексиите на колешките и колегите, соработничките и соработниците, хронолошки и биографски единици и факти поврзани со целокупната дејност на Стефановски. Станува збор за концентриран, систематично сублимен преглед, или ако сакате резиме, на еден столб во македонската современа култура.Стефановски нè напушти пред две години, но само физички, бидејќи ни остави толку пишани зборови, такво богатство и културно наследство, што нема никогаш вистински да останеме без него. Напишал повеќе книги и текстови за театарската уметност. Автор е на книгите: „Од Хераклеа до Народен театар Битола“, НТ Битола, 1994 година „Театарот во Македонија“ (1976), „Театарот во Македонија од античкиот период до 1944 година“ (1990), „ „Театарот во Македонија – од партизанскиот до Младинско-детскиот“ (1998); историографските дела „Театарот во Македонија (1963-1967)“ (2006) и „Подемот на театарот (1968-1971)“ (2006); а се јавува и како соавтор на бројни трудови од областа на теаатарската дејност, вклучително „30 години Драмски театар“ и „Летопис на МНТ 1945-1995“ и многу други.Добитник е на бројни награди и признанија, вклучувајќи ги наградата „13 Ноември“, наградата „11 Октомври“, Стериината награда за животно дело, наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело, наградата „Св. Климент Охридски, Орден за труд со бронзен венец; Орден за труд со сребрен венец; Орден за труд со златен венец; Одликување на Француската влада Palmes Academiques, и други.