Во рамките на значајниот јубилеј – 80 години од основањето на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, на 27 март 2025 година, во просториите на библиотеката се одржа промоцијата на книгата „Факсимили од роднокрајни писатели – членови на Друштвото на писателите на Македонија“ и претставување на каталогот посветен на Горан Стефановски, во читалната што го носи неговото име.
Книгата содржи биографски податоци и факсимили – уникатни примероци од рачно изработена хартија, на кои дваесет и пет македонски писатели оставија свои записи – поетски творби, извадоци од прозни дела, мисли и пораки. Авторите се истакнати членови на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), кои потекнуваат од Битола и околината, а многумина од нив и денес живеат и создаваат во градот. Факсимилите беа создадени во рамки на проектот „Факсимили од роднокрајни писатели“, реализиран во периодот 2022-2024 година од Весна Мундишевска-Велјановска и Валентина Ристеска, наставнички по графички стручни предмети во СОУ „Таки Даскало“ – Битола, заедно со учениците од графичката струка. Преку процесот на рециклирање на хартија и рачна изработка на уникатни листови, учениците не само што ја усовршија техниката на рачно изработена хартија, туку и ја зголемија својата еколошка свест.Издавач на книгата „Факсимили од роднокрајни писатели – членови на Друштвото на писателите на Македонија“ е НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска Давкова, а приредувачи се Весна Мундишевска-Велјановска, м-р Фатма Бајрам Аземовска и м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски. Промотор на книгата беше писателката Весна Мундишевска Велјановска, кога зборуваше за значењето за целокупниот овој проект. Овој труд ќе остане траен запис во роднокрајната збирка на библиотеката. Во рамките на настанот беше претставена и брошурата „Горан Стефановски – Литературно и театарско наследство“, омаж на еден од најзначајните македонски драматурзи. Неговото дело останува инспирација за идните генерации театарски уметници, писатели и истражувачи.
Настанот го отвори директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановски Давкова, а збор зедоа и уредниците на брошурата, м-р Фатма Бајрам Аземовска и м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски.Оваа иницијатива уште еднаш ја потврдува мисијата на библиотеката како чувар на книжевното и културното наследство, создавајќи мост помеѓу минатото и иднината, зборот и сцената, инспирирајќи нови генерации да ја негуваат македонската литература и уметност.