Во општинското основно училиште „Св. Климент Охридски“ во Битола, беше промовирана книгата поезија за деца „Мојата азбука“ од поетесата Мирјана Стојановска, наставник по Македонски јазик во ова училиште. Промоцијата ја изведоа ученици од шесто одделение кои рецитираа песнички и сликовито ја претставуваа секоја буква од македонската азбука. Издавањето на книгата е поддржано од Министерството за култура. Всушност недостатокот на детска литература нагласено се чувствува во едукативниот простор во училиштата, така што овој вид на литература е особено потребен за новите генерации на ученици во нашата земја. Ваков тип на литература, блиска до современото дете е токму книгата „Мојата азбука“која содржи 31 песничка за секоја буква од македонската азбука- кирилицата. Книгата е наменета за претшколска возраст и за учениците од одделенска настава кои за првпат се запознаваат со азбуката. Песните се ритмични, имаат рима, ненаметлива образовна и воспитна димензија и хумористична нота што ја прават оваа поезија уште поблиска до детската популација. „ Посебна радост ми претставува промоцијата на оваа моја 10 книга поезија, а прва книга наменета за најмладите. Се надевам дека оваа поезија ќе им помогне на полесен начин да ги совладаат буквите на кирилицата, да се стекнат со говорни вештини, а истовремено да го развиваат патриотското чувство и љубовта кон својата земја, кон својата татковина“, истакна поетесата Стојановска и додаде:
„Се надевам дека песничките лесно ќе влезат во нивната меморија, затоа што имаат ритмичност и ненаметлива рима. Дидактичките и образовните компоненти во поезијата се испреплетуваат спонтано, со што поезјата наменета за деца си ја исполнува својата функција. Исто така, во поезијата е присутна извесна доза на хумор што верувам ќе ја прави оваа поезија уште поблиска до децата“.Инаку, промоцијата на книгата се одржа по повод 21 Март-Денот на поезијата и Денот на пролетта. Како што истакна директорката Гордана Анастасова, веќе неколку години практика е во ова училиште да се организираат промоции на книги на млади автори токму под водство на наставничката Мирјана, како што се книгите на ученичката Елена Силјановска, Мартина Костовска и трите зборници на песни од ученици со наслов „Мојата татковина, мој дом“, „Битола во стиховите на младите автори“ и Зборникот „Еднакви“.
„Можеме да кажеме дека нашето училиште живее во духот на поезијата и поетското творештво. Оваа промоција на најдобар начин го одбележа Денот на поезијата во нашето училиште како расадник на млади поети во нашата земја“, истакна директорката на ООУ „Св.Клмент Охридски“ Гордана Анастасова.
Поетесата Мирјана Стојановска е професор помакедонски јазик, поетеса, книжевен критичар и есеист. Родена е во Битола, во 1971 година. Дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конски“ во Скопје, а магистрира на Педагошкиот факултет во Битола. Работи како наставник по Македонски јазик во основното училиште „Св. Климент Охридски“ во Битола. Таа е член на Друштвото на писателите на Македонија од 2007 година. Беше прв претседател на Клубот на писателки „Даница Ручигај“ при Друштвото на писателите на Македонија во периодот од 2014 до 2018 година. Во три мандати, беше член на претседателството на ДПМ. Таа е актуелен секретар на Битолскиот книжевен круг. Автор е на 9 книги поезија, приредувач е на 6 книги и две книги од областа на литературната теорија, методика и критика. Со песни и книжевни критики е застапена во македонски и меѓународни списанија и портали. Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, италијански, српски, хрватски, романски, албански и турски јазик.