Home » Промовирана книгата „Манчевски:пет есеи“

Промовирана книгата „Манчевски:пет есеи“

by culturalchat

Книгата „Манчевски: Пет есеи“ во Културниот центар Лабораториум ги собра љубителите на филмската уметност, но и актери, режисери, музичари, филмски критичари кои на несекојдневната сцена подготвена специјално за овој настан ја проследија целовечерната мултимедијална презентација која беше збогатена со проекција на филмови.Настанот започна со проекција на краток филм , а потоа проф. д-р Ана Димишковска говореше за есеите на Манчевски.

– Во оваа книга авторот Милчо Манчевски, кој е за сите нас познат како автор со врвни светски достигнувања, ни овозможува да доживееме едно сосема поинакво искуство, различно од доживувањата на неговите филмови, но суштински комплементарно, рече Димишковска. Според неа, низ целата хетерогеност на есеите, Манчевски успева да создаде една целина. Делови од есеите читаа актерите Никола Ристески и Елена Кузманов.

Книгата содржи пет есеи пишувани во различни периоди, коишто се резултат на долгогодишните размислувања на Манчевски за уметноста од позиција на уметник во повеќе области – филм, фотографија, ликовни уметности и книжевност, но и од позиција на педагог, преку неговото искуство како професор.

Размислувањата и анализите на Манчевски резултираат со комплексни есеи кои се претставени на меѓународни конференции. Меѓу нив се и „Засновано на вистински настан: вистина и прикаска, уметност и верба“, првпат претставен на конференцијата „Филм и вера“ во Ватикан, 2011 година, есејот „Зошто сакам да пишувам и мразам да режирам: исповед на еден сценарист-режисер што се лечи“ претставен на конференцијата на професори по сценарио и режија во Потсдам 2014 година и есејот „Кога некој филм „не е доволно македонски““ од 2022 година.

Двојазичната книга (македонски и англиски) е во издание на Филозофското друштво на Македонија, а предговорот е на проф. д-р Иван Џепароски. Според него книгата на Манчевски е несекојдневно и особено успешно понирање во тајновидниот свет на творештвото воопшто, како и на конкретното индивидуално искуство поврзано со создавањето на сопствените најзначајни филмски остварувања.

„Петте есеи во оваа книга не само што нè внесуваат во секогаш возбудливиот свет на авторот и на авторството, туку, едновремено, претставуваат и несомнен придонес за теоријата и историјата на филмот воопшто, како и за теоријата и историјата на македонскиот филм поодделно, и тоа од гледна точка на естетичката теорија на творештвото, како и на категоријата ‘естетско искуство’, односно ‘естетско доживување“, истакнува Џепароски во предговорот.

Промоцијата беше во соработка со музичката платформа „Терапија“, од каде најавувуваат натамошна соработка со Манчевски. Режисерорт долги години работи како професор на постдипломски студии, прво на реномираниот Њујоршки универзитет, од каде произлегуваат Мартин Скорсезе, браќата Коен, Кери Фукунага, Клое Жао (студенти на Манчевски имаат освоено бројни награди, меѓу кои и два Оскари; режисерот на последниот филм за Џејмс Бонд е исто така студент на Манчевски), но и на државните филмски школи во Куба и во Москва, како и во Шангај, Берлин и други.

Во рамките на мултимедијалниот настан насловен „Милчо на први втори: фокус Манчевски“ беше и проекцијата на наградуваните филмови на Манчевски „Бикини мун“ (2017, САД), „Четврток“ (2014, САД) и „Крајот на времето“ (2017 кубанско-американски). Беа презентирани и визуелни моменти од книгата „Таму“, како и музиката од филмовите на Манчевски, а Игор Василев-Новоградска, чест соработник на Манчевски,  ја заврши вечерта со музика од оригиналниот саундтрак за филмот „Бикини мун“.

 

Related Articles