Home » Промовирана книгата „Дрвото што гледа: Поезија инспирирана од делата на Ранко Струмениковски“

Промовирана книгата „Дрвото што гледа: Поезија инспирирана од делата на Ранко Струмениковски“

by culturalchat

Во организација на Галерија, музеј и ателје „Ранко Струмениковски“ и Македонско научно друштво – Битола, во просториите на Галеријата се одржа промоција на книгата „Дрвото што гледа: Поезија инспирирана од делата на Ранко Струмениковски“, во издание на Македонско научно друштво – Битола. Книгата е објавена по повод одбележувањето на 90 години од раѓањето на академскиот сликар Ранко Струмениковски (1936-2000) којшто бил член на Одделението за уметност на МНД – Битола, а приредувачи на книгата се: д-р Тања Струмениковска-Ристевска, д-р Драган Ристевски, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска и Весна Мундишевска-Велјановска.
За значењето на ова поетско остварување и воедно иновативно освежување на сликарското творештво преточено во поетски збор, зборуваше д-р Драган Ристевски, кој додаде: „Инспиративниот графички и сликарски опус на Ранко Струмениковски, суптилноста и лиричноста на неговите дела се значајни фактори и поттици за големиот интерес кај поетите за создавање песни мотивирани од неговите дела. И не без причина. Питомоста и кроткоста беа карактерните особини кои го красеа ликот на Ранко Струмениковски кој, пак, својот лиризам на мошне успешен начин го преточи во неговите сликарски дела, во неговото богато творештво во областа на графиката, сликарството и во применетата уметност.“
Претседателката на Македонско научно друштво – Битола, која е дел и од уредништвото на книгата, а и застапен поет, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска истакна дека поезијата и ликовната уметност се длабоко поврзани облици на уметничко изразување кои, иако користат различни медиуми, произлегуваат од истата човечка потреба за интерпретација и преосмислување на стварноста. Таа додаде и дека книгата „Дрвото што зборува“ настана за релативно кратко време поради силната и непосредна инспирација што поетите ја пронајдоа во ликовните дела на Ранко Струмениковски чии визуелни светови дејствувале како творечки импулс за изблик на зрела и моќна поетска мисла.
Проф. д-р Златко Жоглев зборуваше за уметникот Ранко како личност, бидејќи лично го познавал, за неговото значење како автор и човек, а се осврна и на иновативноста и симболизмот во неговото ликовно творештво. Од рецензентите се обрати проф. д-р Биљана Цветкова Димов која се осврна на дијалогот помеѓу визуелното и поетското: „Поетите, секој со свој препознатлив поетски израз, реагираат на визуелните импулси не како илустратори, туку како коавтори во процесот на толкување и надградување на визуелниот наратив. Така, од секое дело произлегува поетска „паралелна стварност“ – понекогаш медитативна, понекогаш критична, но секогаш интимна и искрена. Посебната вредност на изданието е токму во множеството авторски гласови кои создаваат полифонија на чувствувања и мисли. Таа разновидност не ја разградува целината, туку напротив – ја збогатува, прикажувајќи како едно уметничко дело може да раѓа безброј интерпретации и да стане заеднички простор на инспирација.“
Поетски творби инспирирани од дела на Ранко Струмениковски, прочитаа поетите: Даниела Андоновска-Трајковска, Милица Димитријовска-Радевска, Златко Жоглев-Олгин, Елизабета Јончиќ, Марија Младеновска-Димитровска, Весна Мундишевска-Велјановска и Мирјана Стојановска, а рецитација изведе и д-р Тања Струмениковска-Ристевска. Покрај наведените поети, во книгата со своја поезија застапени се и поетите: Лили Бошевска, Љубинка Донева, Биљана Котевска – Димко, Милчо Мисоски, Борче Панов, Христо Петрески, Габриела Стојаноска, Добре Тодоровски и Васил Тоциновски. Предговорот за книгата го напиша д-р Драган Ристевски, а рецензенти се: Владо Ѓорески, д-р Весна Калпаковска и проф. д-р Биљана Цветкова Димов.
Компјутерската обработка и дизајнот на корицата ги изработи Весна Мундишевска-Велјановска, а фотографиите од делата на Струмениковски се дело на д-р Драган Ристевски.
Во подготовката на настанот се вклучи и графичката струка од СОУ „Таки Даскало“ – Битола со подготовка на минијатури со поезија и илустрации од Струмениковски кои им беа подарени на сите присутни на промоцијата.

Related Articles