Home » Промовирана изложбата „Македонска креативност 2025 – Од Кирилица до Визуелни уметности / Вол.2.0“ во Битола

Промовирана изложбата „Македонска креативност 2025 – Од Кирилица до Визуелни уметности / Вол.2.0“ во Битола

by culturalchat

Во Културниот и Информативен центар Битола, беше промовирана завршна изложба и прирачник, како завршен настан од деветте интензивни работилници, серија на предавања, практични сесии, истражувања и разговори, во рамките на проектот „Македонска креативност 2025 – Од Кирилица до Визуелни уметности / Вол.2.0“, во организација на здружението Латерал од Битола.Прирачникот ја следи приказната зад ревијалната изложба – завршниот, но не и последен, чин на ова креативно патување. Тој е запис на еден пат – креативен, мисловен и човечки – по кој чекореа учениците, менторите и целиот тим, заеднички создавајќи уметност што зборува, предизвикува и инспирира. Во овој зборник ќе ги сретнете: менторите и нивните теми, чиј пристап го отвори просторот за ново разбирање на фотографијата како уметнички медиум: Гордана Петров – писателка и менторка за креативно пишување, Игор Трајковски – ментор по визуелна култура „Типографијата како уметнички елемент“, Коста Дупчинов – ментор за уметничка фотографија, Марјан Георгиевски – ментор за театар и сценска изведба.
Благодарение на нивната посветеност, младите учесници имаа можност да го развијат својот уникатен израз.Тука се и учениците – младите креативци, кои со храброст се соочија со предизвиците, зададените задачи, процесите на саморефлексија, естетика и техничка прецизност,
како и инструментите на современото фотографско создавање – од студиска опрема и најсовремени светла, до сценографија, концептуална подготовка и избор на модел. Секој дел од овој прирачник сведочи за нешто поважно од крајниот резултат – тоа се чекорите, дилемите, откритијата и растот што го направи секој учесник. Затоа, тука нема само фотографии. Има размислувања, концепти, идеи, интуиција и учење. Фотографијата не е само притисок на затворачот, таа е јазик, а секој кадар во овој прирачник е реченица испишана со светлина, сенка и искуство.
Нивната изложба – поставена со нивни раце, водени од менторите, во прекрасниот простор на КИЦ Битола – Офицерски дом, не е само крај. Таа е почеток на нивното самостојно творечко изразување.

„ Нека оваа изложба и овој прирачник бидат мост помеѓу генерации – од младите што допрва ќе создаваат, до оние што ќе ги водат. Да бидат алатка за учење, инспирација и нова визија за тоа што значи да се создава култура“, истакнаа организаторите и додадоа: „ Овој прирачник го објавуваме со длабока симболика – во месецот мај, кога го одбележуваме делото на Светите Кирил и Методиј. Нивната мисија не била само јазична. Таа била духовна, образовна и цивилизациска. Денес го чествуваме делото на Светите Кирил и Методиј – не само како учители на Словените, туку како визионери кои ја променија тековната мисла на светот.
Во време кога христијанството беше резервирано за три „свети“ јазици – еврејскиот, грчкиот и латинскиот – тие храбро го внеле словенскиот јазик на светската духовна сцена. Создавањето на глаголицата не било само технички потег, туку културна и духовна револуција. Тоа е дело со ренесансен дух – нешто што претходно не се осмелил никој. Константин Филозоф (Кирил) направил повеќе од што животен век обично дозволува. А со брат му Методиј, не го искористиле знаењето за лична слава – туку го посветиле за доброто на народот. Тоа е вистински хуманизам.Тие му дадоа глас на народот, јазик на духот и писмо на идентитетот. Нивната мисија – да му дадат јазик, слово и духовност на еден цел народ – е дело од непроценливо значење. За нас, како Македонци, и за современа Европа и светот. Нека 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, нè потсетува дека знаењето, словото и уметноста се најголемите алатки за вистинска слобода. Во чест на Кирилицата. Во чест на Уметноста. Во чест на Креативноста“.„Да се одбележи крајот на еден творечки процес со изложба“, беше истакнато на крај, „и да се прослави знаењето и словото со пишан запис, е најдобриот начин да се оддаде чест на она што Кирил и Методиј го започнаа“.

 

 

 

Related Articles