Home » Промовирана изложбата „Ехо на вековите: Од Курбиново до модерна Италија“

Промовирана изложбата „Ехо на вековите: Од Курбиново до модерна Италија“

by culturalchat

Во Офицерскиот дом во Битола, во рамките на 46-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, се отвори изложбата „Ехо на вековите: Од Курбиново до модерна Италија“. Атмосферата беше топла, свечена и искрена, а особено значајно беше обраќањето на Киро Урдин, кој говореше за значењето на фреските во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, нивниот колорит и перспектива и нивната поврзаност со ренесансата во Италија. „Тој говорејќи за публикацијата што ја промовиравме во рамките на изложбата мене лично ме охрабри со зборовите: „Пишувај кратко, пишувај јасно и продолжи така.“ Таквото признание е голема потврда за мојата работа, но и задолжување да продолжам по истиот пат“, истакна авторот на изложбата Игор Трајковски Фоја.
Изложбата беше мултимедијална синтеза на фотографии, графики, видео арт и инсталација, како и промоција на истоимената билингвална македонско-англиска публикација која создава мост меѓу уметничкото творештво и историското истражување.  Оваа публикација претставува синтеза на уметничко создавање и историско истражување, родена како природен исход од работата на проектот „Ехо на вековите: Од Курбиново до модерна Италија“. Преку фотографии, графики и видео арт, ова дело ги документира, анализира и повторно интерпретира длабоките врски меѓу византиската и ренесансната уметност, поврзувајќи го духовното наследство на Македонија со современите италијански уметнички тенденции. Процесот на создавање на уметничките дела во рамките на овој проект неизбежно повлече потреба за пошироко истражување. Манастирот Св. Ѓорѓи во Курбиново, како редок и значаен пример на византиската уметност од XII век, покажа неочекувани паралели со раната ренесансна мисла и израз. Истовремено, античкиот пат Виа Игнација, кој низ вековите ја поврзувал Македонија со Италија, се појави како симболична оска на културни, трговски и уметнички размени.

Посебно внимание предизвика уметничката инсталација „Crypto Ajvar – Нанижана Ренесанса“, која преку симболот на црвената пиперка нанижана на конец дава коментар и концептуален одговор на глобалните уметнички трендови, поврзувајќи го локалното со универзалното. Во време кога уметноста станува финансиски инструмент, кога цената на едно дело понекогаш е поважна од неговото значење, се појавува оваа уметничка инсталација, уметничко дело што не е само објект, туку и коментар, провокација и концептуален одговор на светската економија и културна динамика.
„Crypto Ajvar сега го претставува новиот симбол – црвена пиперка нанижана на конец, оставена да се суши. Ова не е само традиционална сцена од македонските села во септември, ова е одговорот на бананата на зидот на Кателан, но во суштина пореален, подлабок и повеќеслоен. Во некои битолски села – особено во селото Буково – целата архитектура се обвива во редови сушени пиперки, формирајќи пејзаж кој е истовремено и естетика и економија. Овде пиперката е валута, вкусов белег, но и метафора за вредноста што доаѓа преку трпение, време и локален труд“, беше истакнато на настанот.
„Голема благодарност упатувам до Министерството за култура и туризам за поддршката на проектот, до фестивалот „Браќа Манаки“ што ја вметнаа изложбата во својата програма, како и до моите соработници без кои оваа реализација немаше да биде можна: Владимир Симоновски, ликовен уметник од Битола, кој помогна околу поставувањето на изложбата, Коста Дупчинов, реномиран фотограф, кој придонесе со снимките во Курбиново и селекцијата на фотографии, и Кети Талевска Бакревска, која беше задолжена за монтажата на видео артот и е автор на овие прекрасни фотографии од настанот. Благодарен сум и на моето семејство кое е темел и инспирација за сè што правам, како и на публиката која со своето присуство му даде вистински живот на овој настан“, истакна Трајковски и додаде: „ Се надевам дека преку оваа изложба и публикација македонските автори ќе бидат дополнително охрабрени да твораат, да го збогатуваат и афирмираат нашето богато културно наследство и да ја носат македонската уметност подалеку од границите“.

Фотографии: Кети Бакревска Талевска

 

Related Articles