На 56.издание на Македонски театарски фестивал, театарот „Војдан Чернодрински“ се закити со две награди. Наградата за современа сценска драматизација отиде во рацете на Лидија Митовска Ѓорѓиевска за претставата „Декамерон“во режија на битолчанецот Мартин Кочовски, од која претстава Сара Спиркоска е наградена за најдобра млада актерка.
„Исполнување на еден сон. Баш утрово директорката ми се јави и со оваа убава вест ме рабуди и си викам – сонувам ли, навистина соништата се исполнувале. Тукушто дипломирав и навистина ова ми е еден полет“, – изјави Сара Спиркоска. Оценувачката комисија беше во состав Љупчо Ѓорѓиевски претседател и членовите Бесфорд Идризи и Сотир Трајков.
„ Сигурен сум дека сите уживавме во театарската магија во изминативе 7 дена која што го исполни нашиот град Прилеп. Секоја чест и искрени честитки до наградените за оваа година и до сите кои што со своето учество дадоа придонес за овогодинешниот фестивал“, изјави градоначалникот Борче Јовчески.
За најдобра претстава во целост, а во конкуренција од осум претстави, кои беа прикажани во текот на седумте фестивалски денови, едногласно беше избрана претставата „Народен непријател“, во изведба на МНТ. Оваа претстава се закити и со уште три награди, за најдобар актер за Никола Ристаноски, за сценографија на Вишња Вујовиќ и за рекламен материјал на Димитар Димитров. Наградата за најдобра режија ја доби Кендрим Ријани за претставата „Артуро Уи“ во изведба на битолскиот театар, а најдобра женска улога оствари Бедија Беговска во претставата „Вишновата градина“ на турски театар од Скопје. Претставата на битолскиот театар „Артуро Уи“ освен за најдобра режија, ги доби и наградите за најдобра машка епизодна улога, наградата „Димче Трајковски“за Никола Пројчевски, а за женска епизодна улога е наградена Викторија Степановска Јанкуловска. За најдобра костимографија наградата ја доби Благој Мицевски и за најдобра музика, Тримор Доми. Актерот Хакан Даци е добитник на наградата „Трајко Чоревски“ за млад актер од претставата „Вишновата градина“ на Турскиот театар. За најдобар текст е награден Рефет Абази за текстот на истоимена претстава „Јазли“ во изведба на Албански театар од Скопје.
Костимографијата во „Декамеро“ е на Јулијана Војкова-Најман, музиката е на оркестарот на Театар „Војдан Чернодрински“ под водство на Пеце Трајковски-Брада, а вокален музички соработник е Ана Митоска. Во претставата играат Александар Степанулески, Наташа Ачански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Сприксока – Илијеска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Михајло Миленкоски, Андон Јованоски, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Цветанка Чавлеска, Сара Спиркоска и Леонардо Лазов.
Официјалното доделување на наградите беше синоќа на сцената на НУЦК.„Марко Цепенков“, после кое беше изведена претставата „Боливуд“ во режија на Наташа Поплавска, на Театар Комедија од Скопје.