Оваа година Фестивалот Битолино, започнува со театарска работилница со наслов „Приказна во движење“ под раководство на пантомимичарот и режисер за пантомима Војо Цветановски, со што се продолжува традицијата секое издание на фестивалот да има своја работилница со која преку театар и преку говорот на телото, без употреба на зборови, ќе се доближат децата до процесот на создавање на еден лик и на една театарска претстава за деца воопшто. Театарската работилница ќе трае пет дена односно ќе претставува мини процес за создавање на театарска претстава, започнувајќи со запознавање на основните движења во пантомимата и претставување на основните ликови во комедија дел арте се до креирање на една приказна односно кратка вежба во која актери ќе бидат самите деца учесници на работилницата, а ќе биде презентирана пред публиката на последниот ден од Фестивалот. Работилницата ќе се одвива на сцените на НУ Центар за култура / НУ Народен театар Битола, под водство на Војо Цветановски, пантомимичар и основач на Здружението на граѓани за театарска и изведувачка уметност „Тим Театрос К Скопје“.Тој дипломира пантомима и режија за пантомима на „НАТФИЗ – Крсто Сарафов“, Софија, Р. Бугарија во 2003 година. Во 2003 година создва работилници за обука на актери / улични артисти / пантомимичари низ кои минаа стотици ученици. Во 2010 година работилницата која ја создаде во Скопје, под име „Театар од вториот кат“ беше во времетраење од една година и беше концентрирана на создавање на пантомимичари, улични артисти и улични живи статуи. На истата беа селектирани десетина кандидати со кои продолжи темелно да работи по факултетски систем. Во март 2011 година го оформува Здружението на граѓани за театарска и изведувачка уметност „Тим Театрос К Скопје“. Од таа 2011 година па се до оваа 2024 година, заедно Тим Театрос К, секоја година селектиран е и настапува на следниве фестивали за уличен театар: Cest is d Best – Загреб; Sprancirfest – Вараждин; KalelargArt – Задар; SAF – Пореч; CrikArt – Цриквеница; Pflstersktakel – Линц; StrasenKunst – Вилах; Fantastica – Фрајштад; Ana Destnica – Љубљана; Lent – Марибор; Masca – Букурешт; InArt – Тиват/Подгорица; ТротоАрт – Бања Лука, Prizrenfest – Призрен, а од 2022, 2023 и 2024 година Тим Театрос К е ко-соработник и задолжен за уличниот театар на театарските фестивали, „Меѓународен фестивал на монодрамата – Битола“ и „МТФ Војдан Чернодрниски – Прилеп“.Во 2018 година на фестивалот Зигет, кој се одржува во Будимпешта, Тим Театрос К, ја понесе првата награда (награда од публика) за најдобра продукција за улични живи статуи на светско ниво, со актот КОНТРАБАС. Заедно со Тим театрос К настапи и на светското првенство за улични живи статуи во Арнем, Холандија, во октомври месец, 2019 година.Во 2019 година е дел од тричлената жири комисија на фестивалот Зигет која имаше за задача да оценува која продукција за улични живи статуи ќе биде најдобра на светско ниво за тековната 2019г. Од 2017 година па се до оваа 2024 година во Скопје, а и надвор од Скопје, низ Македонија заедно со Тим Театрос К го организира и креативно осмислува фестивалот на уличните живи статуи „Статуафест – Другото лице на улицата“, а во 2023 година, исто така во Скопје „се роди“ и помалиот брат на „Статуафест“ – „Центарски улици“ кој досега имаше две изданија, 2023 и 2024 година.
Војо Цветановски оваа 2024 година, поддржан од ГЕТЕ Институтот, a кон програмата „Културата ја движи Европа“/„Culture Moves Europe“ работеше осумдневна работилница за „Пантомима и Уличен театар“ во Бања Лука, БиХ (Република Српска), која резултираше со настап на учесниците од рабоитлницата на третото издание на Меѓународниот фестивал за улична уметност ТРОТОАРТ во Бања Лука. Покрај дружењето и развивањето на креативноста кај децата основната цел на оваа театарска работилница е што повеќе деца да успееме да ги заразиме со магијата на театарот и на тој начин да започнеме да создаваме нови театарски потковани генерации кои ќе бидат идната публика со високи театарски критериуми.