Триесеттина дела од поновото творештво на младата уметничка Билјана Толевска-Наумовска од Битола, беа изложени во Националната установа Центар за култура “Григор Прличев”- Охрид. Присутните на изложбата насловена „Течни денови“ имаа можност да погледнат дела кои се изработени во акварел и лавиран туш.Изложбата беше отворена од страна на Драган Ристевски, галерист, кој истакна дека суптилната игра на авторката со акварелот како и прецизните потези со перото, нијансите и водатата нанесени на хартија, се заедно, длабоко допираат до нашите емоции, често подзатскриени.
„Во овој своевиден храм на уметноста и културата во Охрид, претставува вистинска привилегија и чест за секој автор, да има можност да го покаже и прикаже своето творештво“, истакна Ристевски и додаде: „Природните простори, цели пејсажи всушност се само средства да се прикажат внатрешните затскриени чувства, емоции како и траги од минатато, интимните доживувања. Притоа впечатливите ликовни претстави и потези непосредно доживеани силно влијаат врз реципиентот. Колоритот е повеќеслоен, од прозначни нијанси на пејсажот до силни динамични и предизвикувачки, напати драматични и вознемирувачки природни мотиви и состојби. Ако Македонија и Охрид го имаа меѓународно вреднуваниот Вангел Наумовски, со мошне богат сликарски опус, еве со силна почетна најава имаме еден сликарски следбеник од Битола“.Воедно, соопшти и дека авторката на изложбата, Билјана Толевска-Наумовска, е примена во една силна меѓународна сликарска асоцијаца ААМА (Америка-Азија-Медитеран-Африка) во која членуваат врвни сликари од светски ранг. Низ богатиот творечки опус, Толевска-Наумовска, создава специфично, оригинално и виртуозно, особено во работата со лавиран туш и акварел. Нејзиниот уметнички пристап е со поетска и емотивна мотивска ориентација и инспирација нежно и суптилно пренесена.Со јасни потези и специфичен уметнички израз таа ги открива вистинските уметнички традиции кои некогаш се создавале во славењето на животот и постоењето, нешто што денес е суштинско за нашиот вистински опстанок.
„Поддржете ја вашата љубопитност, уживате и истражувајте. Се надевам дека секој од вас ќе најде нешто за себе. Во овој слободен простор можеби ќе го видите светот малку поинаку од претходно“.рече авторката. Инаку, Билјана Толевска-Наумовска е член на меѓународната ликовна асоцијација – Mail Art, како и на меѓународната асоцијација Ex Libris. Оваа нејзина самостојна изложба беше поставена во Битола и Ресен а со нејзиното промовирање во Охрид таа го заокружи концепт за културна и ликовна соработка во нашиот регион.
Фотографии: Драган Ристевски, А.Момироска
Инфо:Ohridnews