На 55. „Илинденски денови“, синоќа во дворот на Завод и музеј – Битола, беше одржана несекојдневна модно-етнографска ревија насловена „АМАНЕТ“, во организација на КУД „Илинден“ – Битола. Настанот претставуваше кулминација на одбележувањето 70 години постоење на друштвото, со јасна намера: да се архивира, афирмира и актуелизира значењето на народната носија како дел од нематеријалното културно наследство.На писта под отворено небо, пред бројна публика и музичка придружба во живо, беа претставени над 30 оригинални носии од различни етнографски целини на Македонија – со особен фокус на женската носија како симболичка, социјална и ритуална носителка на културниот код на заедницата. Настанот внимателно ги постави носиите не како костими или естетска декорација, туку како материјални документи – секоја од нив носи информација за потеклото, брачниот статус, општествената улога, локалната техника на изработка и вредносниот систем на заедницата од која доаѓа. Притоа, само три машки носии беа дел од селекцијата, што дополнително ја нагласи централната улога на жената како носител на традицијата и пренесувач на културната меморија.
Со насловот „Аманет“, проектот испраќа порака за континуитет: дека наследството не се чува само во музејски сандаци, туку се пренесува низ глас, гест, ткаенина, семејна приказна и јавен чин на сеќавање. Вешто балансирајќи меѓу етнографска автентичност и современа сценографија, ревијата покажа дека носијата не припаѓа на минатото – туку на сите генерации што имаат волја да го разберат своето потекло. Во време кога визуелниот идентитет често се менува со еден клик, „АМАНЕТ“ потсети дека има кодови што не се бришат…ти се паметат…и се везат.
фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски
Претставена несекојдневна модно-етнографска ревија „АМАНЕТ“, во организација на КУД „Илинден“ – Битола
previous post