Последната претстава во официјалната програма на детскиот театарски фестивал Битолино, е „ Што има ново?“, на Театарот за деца и млади „Колибри“ од Унгарија. Во оф програмата детскиот театар Бабец ќе ја изведе „Аудиција“.
„Нашите сцени се место каде што детската насмевка, фантазијата и искрените емоции се во центарот на вниманието. Преку театарот ние не само што раскажуваме приказни, туку и ги воспитуваме идните генерации – во духот на емпатија, разбирање и љубов кон уметноста. Срдечно им се заблагодарувам на сите театари од целиот свет кој изразија интерес да учествуваат. А особено – на децата, нашата верна публика изминатите тринаесет години кои се срцето на сè што правиме.“ – истакнува Филип Етмишовски, директор на Бабец театар и Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“.
Оваа година 14.издание на Интернационалниот фестивал се одржува под мотото „Театарот го менува светот“, а посетителите имаа можност во официјалната програма да погледнат 6 претстави: од Грузија, Унгарија, Хрватска, Бугарија, Албанија и Македонија, кои се натпреваруваат за фестивалското Гран-при. Покрај тоа во програмата беше и богата офф-програма со театарска работилница и 4 претстави од театарските школи од Битола и пошироко. Фестивалот е поддржан како проект од национален интерес во рамки на Годишната програма на Министерстовото за култура и туризам на Македонија, Годишната програма за култура на Општина Битола, а генерален спонзор е Комерцијална банка АД Скопје.