Home » Претстава за староста, за тагата, но и за надежта, „Вујко Вања“ во Битолски театар

Претстава за староста, за тагата, но и за надежта, „Вујко Вања“ во Битолски театар

by culturalchat

После првата средба со средношколската публика, претставата „Вујко Вања“ од А.П.Чехов, ќе ја има својата премиера и за сите театарски вљубеници и тоа на 26-ти јануари, петок, во 20ч, во Народниот Театар Битола. Ова е претстава што детално ги разработува темите за изгубената среќа, срушените надежи, стравот од губењето на домот, стареењето, како и болното секојдневно психолошко преиспитување – дали нашите животи се среќни, дали живееме онака како што сакаме, или без борба се предаваме на околностите што не заобиколуваат. Претставата е во режија на Софија Ристевска Петрушева.

„Вујко Вања“ е претстава за страста, за губењето, за семејството и за разочарувањето, за општествената опресија и за животните избори, за староста, за тагата, но и за надежта, што константно не тера да одиме напред и упорно не стимулира одново и одново да продолжуваме да живееме. Ликот на вујко Вања го игра актерот Петар Горко. Во претставата играат и Александар Димитровски, Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска Дранговска, Марија Стефановска, Никола Пројчевски, Валентин Дамчевски.

Користени се преводи од А. Неверова – Христова, О. Павловиќ, Д. Биљановски. Драматург на претставата е Билјана Крајчевска која истакна:

„ Актерите, многу пополнокрвно ги отелотворуваат ликовите, и нивната сопствена приказна не балансира во наметното секојдневие од неизбежност, на слаба волја, мрзливост, чувството на досада и монотонија. Но преку мотивите на лажните вредности, убавината, жртвата, работата, невозвратена љубов, залудно потрошениот живот, неисполнетост, зачувување на природата, во Вујко Вања не го гледаме само поразениот човек кој ништо не постигнал, жртвувајќи се, ами неговата конкретна борба со невеселата  човечка судбина: староста, која навлегла во сите пори на нивното живеење. Трагедијата на староста не е во тоа што човек старее, туку во тоа што останува млад по душа, и сака на секој начин да живее. А живеењето е најретката работа на светот. Повеќето луѓе само постојат. И се отуѓуваат. Единствениот начин да се спротивставиш на самотијата  до којашто го довела староста,  и отуѓеноста е желбата. Надежта“.

Сценограф на претставата е Валентин Светозарев , костимограф: Андреј Ѓорѓиевски Папаз,композитор Александар Талевски, кореограф Кире Миладиноски , шминка Стефанија Стојчевска. Дизајн на тон и тон мајстор Александар Димовски, дизајн на светло и светло мајстор Горан Петровски. Првата реприза на претставата е на 27-ми јануари, сабота, исто во 20ч.

 

Related Articles