Home » Претставата “Песната на царевата ќерка” во ноември повторно на сцена

Претставата “Песната на царевата ќерка” во ноември повторно на сцена

by culturalchat

„ Нема ништо поважно од детската насмевка и исполнетото детско срце“, по ова мото се водат од едукативниот центар Едусфера, кои на задоволство на сите дечиња ја создадоа претставата “Песната на царевата ќерка”. Авторка на истата е проф.Ана Жежовска, а драматург е Никола Ристевски.

За повеќе детски насмевки, после неколку изведби пред преполни сали, претставата повторно на сцена во ноември. Приказната за остроумниот цар, убавата царица и кротката Алисија, храбриот Филип, злобната Дарија и сите други ликови од царството, ќе ја раскажат учениците на Едусфера.

„Соништата стануваат реалност – потребна е силна верба, постојана работа и истрајност“, вели авторката на претставата и додава:

„Јас, како безнадежен сонувач уште како студентка, ја напишав бајката “Песната на царевата ќерка” која во својата суштина ја носи токму таа порака – соништата им се остваруваат на оние кои силно веруваат и се борат за нив!“.

Бајката е објавена во заедничка книга со нејзиниот колега проф. по македонски јазик Христијан Аџиоски. Книгата го носи насловот “Бајки за јунаци и принцези”. Околу идејата за претставата Ана вели:

„ После околу шест години заедно со Биљана Димко и Никола Ристевски започнавме нов проект. Никола Ристевски сработи одлична работа и ја драматизираше  мојата бајка, па направи прекрасен драмски текст, кој на сцена го поставив заедно со моите ученици од мојот едукативен центар за странски јазици Едусфера. Театарската претстава во краток временски период доживеа 5 изведби“.

Официјалната изведба беше во Офицерскиот дом, изведба во рамките на Бит-Фест и поддржана од Општина Битола каде се бараше столче плус. Следуваа изведби во градинката Качунка, во Приватната установа за социјална заштита на стари лица ДОМ СОФИЈА, гости беа во Домот на културата “Илинден” во Демир Хисар и други.

„ Им благодарам од срце на сите за поддршката на нашиот проект. Во иднина следуваат секако уште изведби и се планира соработка со колешки од Скопје, во која нашата претстава ќе биде интерпретирана на знаковен јазик“, ни рече Жежовска.

Со овој проект, дел од неформалното образование учениците ги подобруваат социјалните вештини, учат дисциплина и одговорност, се дружат и го негуваат индивидуалниот талент. „Јас како професор, секогаш ќе им бидам ветер во грб на сите ученици кои сакаат да направат промена, а со тоа  сакаат да направиме и една поубава реалност, бидејќи уметноста во сите нејзини облици го разубавува светот“, додаде на крај професорката Ана.

Сите дечиња кои досега немаа можност да се запознаат со ликовите од царството и да ја слушнат “Песната на царевата ќерка” , ќе можат да ја погледнат во месец ноември. Околу датумите Жежовска наскоро со ново соопштение.

 

Related Articles