Претставата “Мојот маж” на Драмскиот театар од Скопје, работена по раскази на Румена Бужаровска, драматизација Викторија Рангелова-Петровска, а во режија на Нела Витошевиќ, ја доби наградата за “Актерска бравура” на овогодинешниот театарски фестивал “Пургаторије 2024” кој се одржува во Тиват, Црна Гора. Натпреварувачкиот дел на 19-тото издание на Медитеранскиот театарски фестивал, според изборот на селекторот и режисер Борис Лијешевиќ, го сочинуваат десетте најдобри театарски продукции од регионот. Во соопштението на жири комисијата на фестивалот стои: Наградата за актерска бравура едногласно се доделува на колективот на претставата МОЈОТ МАЖ на Драмски театар од Скопје, Македонија.„ Дека актерската уметност сепак има свој автентичен простор во однос на режисерско-драматуршкиот концепт е неспорна работа, но дека актерската подела во едно претстава функционира како еден организам, еден комплексен ум, една добро организирана машинерија, која умее во целина темелно да ја разбере и преболи современата сурова стварност, меѓучовечката бездна што се отвора меѓу најблиските, е врвно мајсторство што се гледа сѐ помалку и помалку во театарот денес. Актерите во оваа претстава се сами по себе доволна критична маса за одличен театар, свесно поврзани со сопственота психолошка слоевитост, наелектризирани од личните неволји, подготвени да се поништат и повторно да се преродат одвнатре, откривајќи му ја на гледачот старо-новата терапевтска вистина за човечката совест.”
Ова значајно театарско признание беше повод за средбата на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, со в. д. директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски, и со актерите кои ги собраа аплаузите, но и гласовите на жирито на фестивалот во Тиват.На средбата, министерот Љутков упати срдечни честитки за успешното театарско гостување и посака уште многу добиени награди и промоција на театарската уметност и на македонската култура воопшто на сцените во регионот, на европските сцени и пошироко. Претставата “Мојот маж” е драматуршки колаж од расказите на нашата реномирана писателка Румена Бужаровска и авторски монолози на членовите во екипата. Во претставата играат: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Сања Арсовска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева Велиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ. Претставата досега оствари 4 гостувања во рамки на меѓународната фестивалска мрежа “Рута” во Словенија, Србија, Црна Гора и Хрватска каде беше испратена со стоечки овации и аплаузи.Ова е прв натпреварувачки меѓународен фестивал за претставата и прва меѓународна награда. “Мојот маж” на Драмски театар освои и 4 награди на Македонскиот театарски фестивалот “Војдан Чернодрински” во Прилеп.