На 8. 7. 2022 (петок) во 20 часот, во објектот Чифте амам во Скопје ќе биде отворена изложбата „Пресек: Дама со девет камења“на Иванчо Талевски , мултидисциплинарен уметник и професор кој живее и работи на релација Битола – Филаделфија ( САД ).
Современите технологии, можноста да се дојде до било која точка на земјината топка, на уметникот му овозможува да го претстави своето творештво кое произлегува од личната меморија, творештво и животно искуство.
„Секоја нова изложба претставува предизвик како за авторот, така и за институцијата. Но, вибрациите се посилни секогаш кога творештвото се претставува во својата татковина.
Наша обврска е да ги следиме во своето творештво уметниците кои потекнуваат од нашата земја и секако да ги претставуваме нивните нови достигнувања, напредок и успеси низ годините. Националната галерија е култно место на културата, а Чифте амам е нејзиниот бисер каде секоја нова изложба предизвикува воодушевување“, истакна по повод изложбата директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими.
Дама со девет камења е мултимедијален изложбен проект на ликовниот уметник Иванчо Талевски, кој преку цртеж, графички техники, проекции и звук, го елаборира и комплицира поимањето на минатото како материјал со цел да евоцира прашања од индивидуалната и колективната меморија, историја и припаѓање, нивното бележење, опстојување и бришење.
Во центарот на овој проект се две збирки цртежи и нивното просторно осмислување.
Почнувајќи од 2015 година, при неговите чести патувања помеѓу Битола и Филаделфија, САД, авторот Иванчо Талевски со своите цртежи изработени со јаглен ги бележи времето и просторот преку претставување на реакции од различни искуства, општествени процеси, феномени, случки и локации.
Паралелно со овој циклус негови цртежи, Талевски во форма на дијалог презентира едно свое долгогодишно истражување на изгубените 235 цртежи на собирачот на фолклорно творештво Марко Цепенков.
Интерпретацијата и третирањето на архивските материјали од Цепенков се претставени преку една долгогодишна соработка, односно еден дијалог на Талевски со музичарот и композитор Васко Дуковски, кој живее и работи во Шангај. Преку свои исцртани музички нотации базирани врз избрани цртежи од Цепенков, Дуковски презентира звучен материјал, кој во соработка со Талевски е дел од аудиоинсталација која ќе биде претставена како дел од овој проект.
„Дама со девет камења“ го третира цртежот како тенок опис при бележењето и интерпретацијата на историските и општествените процеси. Овој проект, изложен во просторот Чифте амам на Националната галерија, претставува една поширока адаптација и нова обработка на ова дело, кое за првпат беше претставено во Центарот за графика во Филаделфија, во септември 2021 година.