Во рамките на најсмелата и најпровокативна програма на Венециски филмски фестивал, „Авторски денови“,својата светска премиера ја имаше најновото филмско остварување на Теона Стругар Митевска “21 ден до крајот на светот“. Филмот беше прикажан во пакет со краткометражниот филм на Селин Шиама “Како детето станува поет“, авторка која често ги предизвикува сексистичките предрасуди, најпозната по многу наградуваниот “Портрет на жени во огин“. Создавачите на програмата со оваа комбинација, која на извесен начин обликува филмуван феминистички манифест направија успешен потег бидејќи пладневната проекција беше исполнета до последно место, а воодушевената и силно возбудена публика уживаше и во плодната дебата за суштинските прашања за слобода, слобода на израз, феминизмот денес, која се разви за време на сесијата за прашања и одговори по прикажувањето на двата филма.
И двата проекти се надополнуваат и според начинот на нивно создавање, сосема независно, со најминимално финансирање и следствено без компримиси, без цензура, без никакви ограничувања во смелиот авторски израз.
Минатата година , „Најсреќниот човек на светот“, шестиот игран филм на Митевска беше во селекцијата Хоризонти во Венеција, каде годинава премиерно играше филмот на македонско-австралискиот режисер Горан Столевски „Домаќинство за почетници“.
Митевска вели дека идејата за „21 ден до крајот на светот“ се родила за време на ковид изолацијата. „Вознемиреноста беше во воздухот, но целото семејство беше среќно што беше заедно во куќата на нашето семејство надвор од Скопје, до денот кога умре нашиот чичко и јас, сите, бевме опкружени со смрт и стравот беше нашиот водич. Што ако е ова, а утре го нема, дали сум подготвен да ја прифатам сопствената кршливост, дали ќе умрам сама, дали ќе го оставам светот како што е, дали ќе се осмелам да одам на другата страна – ако има друга страна… сите овие дилеми ми ја стуткаа главата и со тоа ја доживеав неопходноста да се повлечам во себе и да се вратам во некоја исконска, сурова состојба на битието. Требаше да направам нешто. Сакав да излупам слоеви на потиснати емоции. Требаше да работам. Мојот концепт беше едноставен: ќе бројам 21 ден напред, што е еднакво на 21 дневно размислување за мојот живот. Во тој процес, пишував, снимав и ја создавав мојата најлична работа“.
Филмот е копродукција меѓу Македонија и Белгија, а продуцентката Лабина Митевска вели дека „Да се биде во Венеција по втор пат во две години е огромна работа за секоја кинематографија, а да не зборуваме за македонската“
„Вакви успеси во континуитет не се баш вообичаени и за поголеми кинематографии и Македонија може да биде само горда. Да се биде во селекција која ги негува авторите и која секогаш била насочена кон авторството е голема чест. Селекторите на Венецијанските денови речиси ја прогонуваа Теона да го доврши и технички доуреди филмот за да го вклучат во програмата. Овој филм е поразлично од сè она што сме го виделе од Теона. Овој филм е нејзин експериментален личен дневник, создаден како комплетно независна продукција, со најминимални финансии, речиси целосно сработен само од Теона и едноставно е уникатен мал филм”, вели Лабина Митевска.
„Најсреќниот човек на светот“ беше и годинашнот македонски кандидат за Оскар.
„Македонскиот филм издоминира на најстариот фестивал на филмот во Венеција, претставен преку тројца наши автори. Секој успех и секој автор говори сам за себе, но ваквото силно присуство во различни програми на тројцата наши режисери, остава национален печат и јас сум премногу горд што го доживувам овој значаен момент. Уште еднаш честитки за сите тројца, но и за екипите со кои ги сработија проектите“, изјави Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.