Home » Премиера на театарската претстава „РАЦИН“ Според Кочо Рацин на Охридско лето

Премиера на театарската претстава „РАЦИН“ Според Кочо Рацин на Охридско лето

by culturalchat

На 30.07 во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во рамките на драмската програма на Охридско лето, ќе се изведе премиера на претставата „Рацин“ во режија на Дејан Пројковски, во продукција на Велешкиот театар.

Претставата Рацин нема за цел да ги прикаже фактите онакви какви што историјата ги пренела, а културата ги кодирала во себе, целта е тие да се обојат со автентичен рефлектор, да се фрли светлина врз митологизираниот Рацин, да се деконструира, да се демитологизира и да се дадат неколку возможни одговори на прашањето: Што нам денес ни значи Рацин? Претставата е повеќе рефлексија отколку нарација, повеќе фрагмент отколку целина, повеќе антитеза отколку теза – Рацин од денес, тргнат кон секое возможно утре.

Дејан Пројковски е македонски режисер. Роден е 1979 година во Битола. Дипломирал и магистрирал театарска режија на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто Сарафов“ во Софија. Работи како вонреден професор по театарска режија и глума на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк. Направил голем број значајни режии во Македонија и земјите од регионот. Извесен период беше и директор на Македонскиот народен театар. Тој е еден од водечките македонски театарски режисери и професор по театарска режија и глума на Универзитетот за аудио-визуелни уметности „Европа Прима“. Пројковски се потврди како режисер на големи дела на светската класика, создавајќи претстави со специфичен естетски и иновативен сценски јазик. Неговите претстави се прикажани не само кај нас, туку и надвор од границите на земјата и тоа:  Србија, Бугарија, Русија, Турција, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина а ко-продуцираше претстави со германски, италијански и словенечки театри и фестивали. Драматург на претставата е Сашо Димоски, работена е според Кочо Рацин. Сценограф: Валентин Светозарев, костимографи: Раде Василев и Елена Вангеловска.

Улоги: Васил Зафирчев, Исидор Јованоски, Кети Борисовска, Весна Димитровска-Бобевски, Јордан Витанов, Слободанка Чичевска, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Славица Манаскова, Орхидеја Дукова, Кристина Зафирова, Илин Јовановски, Леонида Гулевска, Тодор Стојковски, Бранко Михајлоски, Илина Чонкова. Композитор: Сашко Костов.Кореографија и сценски движења: Васил Зафирчев. Изведба на музика во живо: Сашко Костов и Орхидеја Дукова.

Related Articles