Home » Премиера на „Стапица за глувци“ во Прилепскиот театар

Премиера на „Стапица за глувци“ во Прилепскиот театар

by culturalchat

Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп премиерно ја изведе претставата „Стапица за глувци“ во режија на Борис Василески. Претставата е работена според делото на Агата Кристи со драматургија и превод на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографија и дизајн на светло на Мартин Манев, костимографија на Марта Дојчиновска и музика на Томе Темелкоски, а дизајнот на плакатот е на Илина Василеска.

Во претставата играат Сара Спиркоска, Илија Волчески, Дарко Карбески, Марија Спиркоска Илијеска, Александар Тодески, Даниела Иваноска, Михајло Миленкоски и Димитар Ѓорѓиевски. Претставата се базира на реалистична игра на актерите и стилизираната сценографија на пансионот, кои доведуваат до потполно доловување на атмосферата.

Кога неправдата не се разрешува на задоволителен начин и кога злосторникот не ја добива соодветната казна, тогаш се раѓа желбата за одмазда. Токму оттука почнува оваа приказна, која ја испитува човековата перцепција на вистината. Секој мисли дека неговата перспектива е правилната, но што е, всушност, вистината? Како се манипулира со човековите мисли и зошто е толку лесно човек да биде наведен да размислува во погрешна насока, да си направи приказна во главата и да поверува во неа? Сомнежот е фрлен врз секого и секој претставува потенцијална опасност, затоа што секој има своја скриена приказна. Претпоставките, едноставно, мора да бидат преиспитувани. Пред публиката се  поставува предизвик – да се обиде да открие кој е убиецот и да дознае дали нејзините почетни сомнежи биле точни.

Претставата зборува директно за прашањата: Кои се маски ги користат луѓето за да го постигнат она што го сакаат? Колку злосторството во ова тензично време може да резултира само со злосторство и ништо повеќе од тоа? Зошто и како злосторот во нашиот генетски код е врежан длабоко во нас, и за кој треба да бидеме свесни за да можеме да превенираме? Претставата посочува, но и ја брани перспективата на сите ликови со цел да ја одржува неизвесноста која се случува внатре. Емотивен и тензичен ролеркостер за публиката, давајќи и доказ дека никогаш не може да се знае целосната вистина за она кое навистина се случило, оставајќи ја шокирана до крај.

„Претставата е трилер со комично фарсични елементи, задоволувајќи ги апетитите на публиката, давајќи му повод на секој граѓанин да дојде во театар со цел да гледа возбудлива претстава“,  вели режисерот Борис Василески, кој за првпат режира во Прилепскиот театар. Претставата е поддржана од Министерството за култура.

 

Related Articles