Home » Премиера на најновата претстава на Андреј Цветановски -„Тартиф“

Премиера на најновата претстава на Андреј Цветановски -„Тартиф“

by culturalchat

Во Тетовскиот театар премиерно беше одиграна претставата „Тартиф“ според Молиер, а во режија и адаптација на Андреј Цветановски. Претставата изобилува со визуелни слики и емотивни конфликти меѓу ликовите. Самиот Молиер важи за еден од најзначајните автори на класичната драматургија и е предизвик за целата екипа, која работеше на ова дело интензивно, вдахнувајќи креативен печат и убава енергија.„Силните луѓе создаваат мирни времиња. Мирните времиња создаваат слаби луѓе. Слабите луѓе создаваат тешки времиња. Тешките времиња создааваат силни луѓе. И така се во круг. Низ оваа максима се обидовме да ја погледнеме вечната тема на најголемиот лицемер во класичната драматургија, Тартиф. Но дали е тој лицемерот или луѓето кои зависат од неговата способност? Низ силни и емотивни ситуации се случува трилер претстава која се заснова на замрсените односи на една фамилија, и нивната постојана опсесија за богатство. Низ сите тие ликови и нивните завери ја осовременивме и донесовме во денешни услови приказната распадот на фамилијата, а со тоа и на системот. Дали компанијата беше во постојан пад и пред да се појави Тартиф? Дали корените на фамилија Пернел се распаѓаат од мирните времиња во кои живее новата аристократија?“, изјави режисерот на претставата, Андреј Цветановски.Во претставата играат: Тартиф – Ѓорѓи Нешкоски; Петрит Незири; Миа Кантарџиева – Петровска; Марија Цветановска; Марко Богдановски; Арѓенд Хасани; Ирена Мирческа; Абдула Османи; Берат Салиу; Шкумбин Зеќири. Сценографијата ја потпишува Сергеј Светозарев, костимите се дело на Медина Хоџа, додека зад музиката стои Димитар Андоновски. Проектот е поддржан во годишната програма на Министерството за култура и е втора премиера од програмата на Тетовскиот театар за оваа година, после премиерата Пациентот на Фројд од Миро Гавран во режија на Гент Чајани.

 

 

Related Articles