Home » Премиера на мјузиклот за вистинските вредности на животот во режија на Марјан Неќак во Риека

Премиера на мјузиклот за вистинските вредности на животот во режија на Марјан Неќак во Риека

by culturalchat

Мјузиклот за сите генерации „La nostra famiglia / Нашето семејство“ беше премиерно прикажан на 5.ноември во Хрватскиот народен театар „Иван ПЛ Зајц“ во Риека, Хрватска. Создаден во копродукција со Италијанската драма со Словенечкиот постојан театар во Трст и Гледалиште Копер – Teatro Capodistria, „Нашето семејство“ го претставува и враќањето на македонскиот композитор и режисер Марјан Неќак во „Зајц“ по повеќе од десет години. Со претходно поставените „Дамата со камелии“, „Дискретниот шарм на буржоазијата“, „Песна над песните“, Неќак, остави длабока трага на театарот во Риека.

„Со радост се сеќавам на „Глембаеви“, „Песна над песните“, „Пенелопе“, „Зајц“ е театар во кој поминав прекрасни моменти на пробите, во бифе и надвор од театарот со прекрасни уметници со кои соработував, од ансамблот на операта, драмата и балетот. Ги остваривме нашите соништа и направивме претстави кои се паметат и денес“, вели режисерот во интервјуто со Давид Чарапина, за театарот на страната hnk-zajc.За соработката со копродукциите вели:„Копродукциите ми се омилени проекти, но и најкомплицираните поради разликите во сензибилитетот на актерите, размислувањето за создавање. Три театри на една проба, во еден град, истовремено звучи невозможно… Но, на овој проект тоа го направивме професионално благодарение на прецизниот план за проби и вклученоста на продуцентите кои се посветија на работата. Драмскиот текст и музиката беа подготвени еден месец пред почетокот на првата проба и актерите дојдоа на првата проба во цврста кохезија со материјалот. Низ процесот потрошивме долго време градејќи ликови, особено детски ликови, бидејќи детските „улоги“ не треба да се „одглумат“ никако, туку најприродно да се градат, потоа да се доживеат и дури потоа да се ставаат во сценска игра… Од сите ансамбли на Зајц, сега првпат соработувам со Италијанска драма на претставата „Нашето семејство“. Сакам да ја споменам аудицијата што се одржа пролетта 2023 година, на која присуствуваа сите актери на ансамблот на италијанската драма, на која им предложив на сите да изведат монолог на слободна тема и да отпеат две песни. Штета што не ја снимавме аудицијата, бидејќи аудицијата се претвори во претстава, без режија, во која сите го дадоа својот максимум на, за мене, крајно професионален начин и што е најважно, со тоа ми докажаа дека нивната желба да играат во претставата е поголема од сè. Секако дека го сакав целиот ансамбл, но сепак морав да изберам неколку од нив“.Мјузиклот првично требало да има наслов „Деца“, а бил инспириран од мотивите на поемата „Малиот сирак“ од Ени Џејмс Виткомб Рајли. Главната тема во поемата е поседувањето силни морални вредности – она ​​што денес недостасува во сите сегменти на современиот свет за нас возрасните и секако за децата. Режисерот се враќа во овој театар со  една универзална приказна и желба да одговори на едно едноставно прашање – кој го сочинува нашето семејство?

„Семејството е широк поим, но е и основа на општеството, без разлика во каква форма постоело. Најважниот период на образование трае до седмата година од животот, а потоа е важно да се види дали ќе ги зачуваме овие вредности низ понатамошниот период на образование или едноставно ќе ги изгубиме набрзина затоа што, на крајот на краиштата, денес е „ново време“ и овие вредности ни изгледаат сосема бесмислени…Се посветив на проучување на децата воспитани во домови без родители и интересно е што нивното воспитување зависи од самата институција, но и најважно од самиот поединец и од неговиот воспитувач (многу важна улога и професија) која ја исполнува родителска празнина кај децата. Семејството не е само крвно сродство – може да биде секој кој ве прифаќа и сака такви какви што сте, тие се оние кои ве исполнуваат со љубов, добрина и наклонетост со своето внимание и грижа, се чувствувате како да сте дома со нив. Пријателите се семејство кое самите го избираме“, додава Неќак.Главната инспирација за „Нашето семејство“ ја добил од светот на кој припаѓа – театарот! Таа група на луѓе, која се состанува за да создава, не може да создаде добро дело ако нема семејна хемија. „Кога правам претстава, мојата мисија е да создадам семејна атмосфера во ансамблот. Без тоа, мислам дека е невозможно да се направи нешто искрено, а ако сме неискрени и површни, тогаш подигаме и публика која незапирливо ја губиме“.

Следејќи како се вкрстуваат судбините на децата сираци и родителите без деца, „Нашето семејство“ ја прикажува приказната за подобар, поправеден свет заснован на искрен, топол човечки допир. Надополнет со незаборавна музика, овој мјузикл е настан за сите генерации. „Mузиката е основната ДНК на претставата“, вели Неќак во интервјуто.

„Музичкиот театар е комбинација на музика и театар што настана како резултат на пропаѓањето на класичната опера на крајот на дваесеттиот век во Европа. Имав среќа да учествувам и да го следам развојот на Музичкиот театар од самиот почеток, од кој потоа го изградив моето знаење како композитор и режисер. Музичкиот театар е една од најпопуларните форми во европските театри денес. Музиката во „Нашето семејство“ делумно ги следи чекорите на современата музика на генерацијата З, лесно менувајќи ги стиловите, будно следејќи ја драматургијата и со тоа градејќи го сценскиот израз. Но, во основа не се предава на класичниот мјузикл, туку останува во доменот на театарскиот израз“.Зборувајќи за генерацијата Z, мјузиклот зборува за светот и за сите оние кои се чувствуваат сами во желбата да им се покаже дека постои потопол, поправеден свет. Сепак, како што пишува Саша Ержен, секогаш е важно да се запамети дека не сме сами: „Не е лесно да се биде. Добро е што имаме уметност. Театарот повторно и повторно ни открива дека не сме сами. А кога не сме сами, се е барем малку полесно“.За сценографијата се погрижи Валентин Светозарев, костимографијата е на Миа Поповска, видео проекции Марин Лукановиќ, асистент на режија Рената Видиќ. Улогите ги играат: Леонора Суриан Попов, Рок Матек, Даниел Малалан, Пиа Скварча, Елена Брумини, Урша Кавчиќ, Серена Фераиуоло/ Аурора Цимино, Мак Тепшиќ, Блаж Поповски, Андреа Тих, а за кореографијата беше задолжен Клемен Јанежиќ. Актерската и авторската екипа на претставата го прослави успехот на премиерата со гостите на собирот по претставата.

 

Related Articles