Home » Премиера на „Женидба“ на Љупчо Ѓоргиевски во Штип

Премиера на „Женидба“ на Љупчо Ѓоргиевски во Штип

by culturalchat

Народниот театар во Штип одбележува 100 години од своето постоење и по третпат ја поставува драмата „Женидба“ од рускиот писател Николај Васиљевич Гогољ. Според историските записи, „Женидба“ првпат била изведена во Штип точно пред 100 години од првата генерација штипски актери, а втората во 1980-тите. Претставата е во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Драматург е Габриела Коцева Тулиев, сценограф е Валентин Светозарев, а костимите ги изработи Андреј Ѓоргиевски – Папаз.

Играат: Марија Минчева Андонов, Милорад Ангелов, Ефтим Трајчов Ѓаурски, Анѓелка Нашкова, Миле Вратеовски, Пеце Ристевски, Даријан Петров, Валентина Ѓоргиевска, Миланчо Георгиев Роне и Стефанија Митовска.

 

Гогољ во „Женидба“ во прв план ги става, за да ги исмее, општествените аномалии од неговото време: лицемерието, желбата за статус по секоја цена, робувањето на нормите на граѓанското општество. Но, оваа драма е актуелна и денес токму поради нејзиниот психолошки слој, односно, маестрално изнијансираните ликови кои не се црно-бели, туку се многу живописни, но истовремено и подложни на осуди и сожалувања, кои поради сопствената безволност и нерасположеност на духот и стравот да излезат од сопствената комфорна зона не се во состојба да направат каков било чекор во своите животи.За да ги разбереме ликовите денес, се што треба да направиме е да се погледнеме во огледало.

„Иако се поминати многу години откога е напишана драмата, сите тие општествени аномалии се актуелни и денес. Оваа претстава говори за таа борба на слободата со стереотипите, вклучувајќи го и бракот“, вели режисерот Ѓоргиевски, на кого ова му е седма премиера со Народниот театар во Штип за период од 24 години.

 

 

 

Related Articles