Синоќа, сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше исполнета со тишина што зборуваше, аплаузи што одекнуваа, и уметност што останува. Во визуелно силна и емотивно напната режија, Цветановски успеа да отвори вечни прашања: Дали е талентот подарок или проклетство? И дали разумот има шанса пред генијот?
Претставата ја воодушеви публиката со силни изведби, сценографија што го нагласуваше внатрешниот свет на ликовите и режисерска визија што му дава нов живот на класичниот текст.
„Талентот како категорија се оценува и проценува низ текот на историјата и претставува вредна особина на една личност. Иако тоа е категорија која е субјективна и лична, вистинскиот квалитет не може да се оспори, ако не веднаш, тогаш после времето на личноста која ги создава делата. Може да се каже дека талентот е неоспорна константа имуна на абеж од времето. Генијалноста на еден човек во едно поле, не може да се сокрие, заради малиот број на универзално прифатени генијалци.Во полето на музиката, еден од малкуте кои го задолжиле човештвото со своите композиции и оставиле печат на своето време е Волфганг Амадеус Моцарт. Но не и признание од своите современици. Освен од еден. Антонио Салиери, неговиот вечен непријател, е единствениот човек кој ја препознава неговата генијалност. И заради таа генијалност, тој станува негов најголем непријател. Салиери, го носи проклетсвото да ја познава музиката толку добро да може да го препознае божественото во Моцарт, но никогаш да не создаде нешто толку совршено. Талентот и разумот не се сврзани еден со друг и не се развиваат секогаш заедно и не треба да се бараат заедно. Во целиот обид на претставување на тоа е и нашата работа во оваа претстава и славење на талентот и разумот како два различни принципи. Борбата на овие две работи е вечна и универзална“, истакнува режисерот Цветановски.
Цветановски во својот опус има 40-ина претстави, различни по жанр и естетика, но слични во идејата да се создаде ново читање на класиката и да се инсистира на визуелната компонента на претставата во целина. Неговите претстави учествуваат на фестивали и гостувања во Македонија, како и во Србија, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина, Албанија и Русија, каде што постигнуваат успех и признанија. Освен работата во скоро сите македонски театри, тој многу често, во последните години, работи и во регионот, најчесто во Србија. Улогите ги толкуваат: Селпин Ќерим, Јеткин Сезаир, Слаѓана Вујошевиќ, Аксел Мехмет, Џенап Самет, Бурханедин Ибрахим, Емине Халил, Озан Илдриз, Игбал Саидова.
Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костими Раде Василев, асистент на режија Џабир Доко. Сценски движења Дамјан Цветановски, дизајн на светло Игор Митревски.