Home » Презентирани 40 дела од изложбата „Цртеж, графика и акварел“

Презентирани 40 дела од изложбата „Цртеж, графика и акварел“

by culturalchat

Љубителите на уметноста имаа можност да уживаат во 40 изложени уметнички дела во изложбениот салон Магаза во Битола, како дел од Ликовната изложба на Друштвото на ликовни уметници. Изложбата е насловена „Цртеж, графика и акварел“ и на истата се претставија 24 членови на ДЛУБ.

Изложувачите, членови и гости на ДЛУБ се одликуваат со нагласена индивидуалност и тенденција кон самостојност кои во најмала рака придонесуваат кон севкупниот поетски впечаток за изложбата.

Своите дела ги изложија: Панде Петровски, Елена Ѓорѓиевска, Роберт Михајловски, Стефан Анчевски, Дурмиш Казимескоро, Петар Китановски, Илија Маџаров , Димитар Димитров, Кирил Т.Константин, Стефан Малбашиќ, Бојана Артиновска Трпческа, Владимир Илиевски, Александар Поповски , Владимир Младеновски, Ванчо Кеков, Матеј Богдановски, Динко Ненов, Анастасија Петрова-Мушовска , Душан Шешиќ, Вангел Крстиновски , Горан Дачев, Златко Крстевски, Лара Ташковска и Валентина Илијевска .

Стремежот на изложбата Цртеж, графика и акварел на ДЛУБ кон одомеѓување од конвенцијата на хомогеноста не е само номинален. Еклектицизмот се простира зад (па дури и надвор од) техниките и технето., па така, соодветно разновидни се постулатите, намерите и вредностите на учесниците во оваа изложба. Изразената хетерогеност делумно е скротена со присуството на класични, речиси архетипски мотиви кои почиваат, пред сѐ, на силни дразби во хронолошкото време, како што се фасцинација од непосредната околина, физичка и метафизичка, фиксација на личните спомени и личносните патоси, флуктуацијата и нејзиното чувствување, носталгијата и нејзиното чествување.

„Како заедничка одлика на сите дела, можеме да ја маркираме секогаш недовршената ликовна сентенца која го провоцира вниманието на публиката и ја згуснува атмосферата во просторот со своето присуство. Во квалитативно време пак, простум стои енклавата ДЛУБ,  доследна на својата традиција на иманентна партиципација во ликовниот живот на Македонија. Безмалку полувековното постоење на Друштвото е втемелено во стаменото свое минато, за нас, сѐ уште криптично, недоистражено, секогаш ново. Битолската ликовна свест условила афирмативен ликовен живот кој се одважил над тековниот позитивизам останувајќи верен на своите идеали“,  изјави Филип Иванишевиќ- историчар на уметност.

На изложбата зборуваа претседателката на ДЛУБ.Нела Петровска, ликовниот уметник Панде Петровски и писателот и актер Сашо Огненовски.

Изложбата е поддржана од Општина Битола и истата ќе биде поставена до 23 октомври.

Фотографии :Љупчо Илиевски Машлак

 

 

 

 

 

 

 

Related Articles