Изложбата „Дозволи да летне ко’пиле“ на Сокол Марковски беше презентирана Центарот за култура Марко Цепенков во Прилеп. Истата се однесува на невидливоста на одредени категории лица, во конкретниот случај напуштени деца, (п)оставени на маргините на општеството во кое уште од најраната возраст се соочуваат со различни видови дискриминација. Маргинализираните групи деца вообичаено се оние на кои поради неможноста да растат и да се развиваат во сопствено семејство, повеќе или помалку, им е ускратена пристапноста до социјалните, економските, политичките и културните права. Предрасудите и стереотипите, кои сè уште (изразено) постојат во нашето општество, претставуваат длабоко социјална проблематика и најчесто овие деца се третираат како речиси невидливи во општеството, односно се избегнувани како безлични ентитети со различен вид омаловажувачко етикетирање.
Изложбата ја отвори историчарката на уметност Викторија Димеска, која посочи дека црно белите портрети на маргинализирани и заборавени лица се неми погледи исполнети со страв и искривени од гнев, изработени во различни техники.
„ Овие портрети верно го одразуваат отсуството на општествена грижа и човечка емпатија, откривајќи ја вистината за нивното секојдневие исполнето со чувство на немоќ, социјална нееднаквост и обесправеност. Апстрактно-експресивниот третман на позадината со слоевити премази на црна и сива боја симболично ја отсликуваат суровоста во суровата социо – општествена реалност, додека белата боја на ликовите преминува во метафора на притаената надеж за подобра иднина“, истакна Димеска.
На изложбата беа презентирани 30-тина дела, изработени во 2022 година во техниките масло на платно, масло на плексиглас и комбинирана техника и дигитален принт на хартија.
„Портретите (портретот како тематска определба го усовршува подолг период) се средство за најексплицитна и најдиректна форма за соочување со ликот и страдањето на Другиот, со „копилињата“ кои, иронично, општествено треба да се безлични. Предимензионираноста е тенденциозна заради постигнување нивна поголема видливост, наспроти посочените наметнати невидливи позиции, при што се претставени интимните психолошки состојби. Преку црно/белата палета дополнително се алудира на дуализмите како што се: темнина/светлост, позитивно/негативно, припадност/неприпадност, видливост/невидливост, појавност/внатрешност, полно/празно… Притоа, се манифестира одреден вид деконструкција на повеќеслојните ликови (поставени врз монохромна позадина) зад наталоженоста, зад маската на појавноста и визуелизација на внатрешната експресија на личностите преку минимална употреба на „не-бојата“. Состојбата на страдање во ликовите е недовршена/несовршена и е суров сенишен одраз на „светот на идеите“, иако децата се разликуваат според сопствените експресивни психолошки карактеристики. Реалните и имагинарни ликови, преку феноменот на „копилето“, говорат за позиција во општеството обременето со конформистичка колективна селективна меморија“, вели уметникот Марковски.
Сокол Марковски преку оваа изложба (и претходната „Рак не е само хороскопски знак“) ја продолжува тенденцијата на социјално ангажирани проекти во чија основа се наоѓа борбата за дестигматизација на луѓето од маргините, нивна понагласена видливост, со поттик за решавање на проблемите и конечно иницирање целосна интеграција. Изложбата „Дозволи да летне ко’пиле“ поаѓа од интимна приказна со автореференцијална форма, базирана врз сопственото искуство во животот и работата и претставува настојување на авторот преку уметнички исказ (кој навлегува и во сферата на терапевтското) директно да ја посочи потребата за менување одредени општествени позиции преку влијаење врз свеста и моделите на однесување, односно Јунговите архетипови на однесување на колективното несвесно наспроти индивидуалноста на различниот Друг.
Сокол Марковски е роден 1966 година во Скопје. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Факултет за ликовни уметности, педагошки отсек, насока сликарство, во класата на проф. Јован Шумковски во 2018 година.
Тој донираше свое дело во хуманитарни цели за погодените во земјотресите во Турција и Сирија. Делото насловено „Болка“, беше ставено на продажба, а купувачот средствата тги уплати на сметка на Црвениот крст на РМ.