Home » Презентирана изложбата „80 години- слободна Битола“

Презентирана изложбата „80 години- слободна Битола“

by culturalchat

Изложбата „80 години- слободна Битола“ на авторите м-р Евгениј Литовски и м-р Филип Талевски, свеченото беше отворена во културниот центар Магаза. Присутните ги поздрави директорот на Битолскиот Завод и Музеј, Зоран Николовски.Изложбата е посветена на ослободувањето на Битола, односно одбележување на 4-ти Ноември 1944 година, како еден значаен датум од историјата на градот Битола. Битола, впрочем како и цела Македонија за прв пат започна да живее и да се развива под сопствена македонска, а секако и работничка власт. Како што е познато тоа се оствари благодарение на истрајната партизанска борба во рамките на народноослободителната војна. Токму тоа е претставено низ фотографиите кои тематски се сместени на 9 паноа.Изложени се фотографии кои се поделени на неколку теми, односно фотографии од партизанските битолски одреди и единици, фотографии од партизанските единици кои влегле на самиот 4. ноември 1944 год. во Битола, фотографии од организирањето на првиот митинг во слободна Битола на 7. ноември 1944, датум кој  бил и датум за манифестацијата за одбележување на годишнина од Октомвриската револуција во Советскиот сојуз и секако факсимили од непосредните денови пред 4. ноември 1944 год. каде може да се прочитаат наредбите за навлегувањето на партизанските одреди во Битола. Покрај овие паноа, посветени се и 8 банери на кои се претставени осумтте народни херои од Битола, а тоа се: Стив Наумов, Вангел Тодоровски-Мајорот, Естреја Овадија-Мара, Елпида Караманди, Вангел Нечевски-Тунелот, Пецо Божиновски-Кочо, Фана Кочовска Цветковиќ и Васко Карангелевски. Преку нивните биографии опфатен е голем дел од историјата на НОБ во Битола и битолско. Тие претставуваат и симболи за самата антифашистичка борба на нашиот град во целост.

Фото: Славе Стојанов

 

 

Related Articles