Во Културниот центар Магаза, се одржа предавање на тема „Музејската колекција на костими и текстил-инспирација во визуелната уметност, современиот дизајн и костимографија“. Предавањето го одржа костимографот и театарскиот режисер Благој Мицевски. Предавањето беше во рамките на проектот „Моја инспирација“. Со ова предавање кое е второ по ред оваа година, во реализација на проектот и со организирани работилници, се заокружува десетгодишната работа во проектот каде како целна група учествуваа средношколци од гимназиите во Битола.Следуваше претставувањето на проектот во развој “Албум на текстил”, во соработка со Сандра Котевска, кустос на современа уметност, во НУ Завод и музеј Битола, работилницата : Визуелна уметност и изложени дела од претходната работилница, приказната за “Куферот на печалбарот” Ментор: Љубица Мешкова Солак, работилница: Везење и аплицирање на везови. Ментори: Анита Стефановска, Живка Танушевска Ицаноска и Ема Ќука СОУ “Таки Даскалот” Битола . Автор и раководител на проектот е Наде Геневска Брачиќ, етнолог, кустос – советник. Проектот е во организација на НУ Завод и музеј Битола, финансиран од Министерството за култура.Мицевски има препознатлив визуелен печат, чија матична куќа е Битолскиот народен театар, а чии уметнички костимографски решенија, повеќе од 30 години се дел од големи театарски претстави, опери, балет, танцов театар, претстави на врвни режисерски имиња во Европа и пошироко. Од сцените во Љубљана, Белград, Сараево, Нови Сад, Братислава и многу други, до нашите македонски сцени, секогаш финалниот резултат е нешто што не се заборава, костими кои им даваат на претставите своевидна препознатливост. Мицевски е роден 1968 та во Битола. Од 1993 до денес е постојан член на ансамблот на НУ.Народен театар Битола. 6 години беше уметнички директор на Битолскиот театар, период во кој театарот забележува голем меѓународен подем. Тој е и идеен творец на „Битола Шекспир фестивалот“, за кој беше селектор во првите 5 изданија, период во кој фестивалот стана член на Европската асоцијација на Шекспир фестивали. Има режирано над 15 претстави, кои гостувале на фестивали во земјава и странство и биле наградувани. Беше костимограф и во два филмови, а учествувал и на повеќе изложби.За својата работа, Благој Мицевски има добиено повеќе награди меѓу кои и наградата за најдобра костимографија на 56.издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за костимографијата во претставата „Артуро Уи” во изведба на Битолскиот театар. Неговите костимографии беа дел од „Идиот“ од Достоевски, во режија на Андреј Цветановски во театарот во Нови Сад, претставата „Крал Едип“ во режија на Диего Де Бреа во Сараевскиот театар, „Големиот Диктатор“ во Драма Љубљана и многу други.
Фотографии: Дражан Брачиќ