Празничните денови се повод за поминување време со семејството, саканите, пријателите, но да не заборавиме и на нашите четириножни пријатели, посебно оние бездомните. Па така овој празничен ден, активисти и волонтери од Мали Херои, го искористија за посета на прифатилиштето за кучиња Хачико во Битола, а со нив беше и нашата екипа. Дополнително сончевото време дозволи дружбата со згрижените кучиња да трае подолго. Покрај љубовта и многуте гушкања, кучињата добија подолги прошетки во Дог-паркот и уживаа во играчките кои им ги даруваа активистите.Вработените не запознаа со нивната работа, начинот на функционирање, просторот и условите на прифатилиштето, а договоривме и меѓусебна соработка во иднина во делот на промоција на кучињата и прифатилиштето. Покрај сите активности, прифатилиштето денес доби и Божиќна донација во вид на зрнеста храна, конзерви и награди за кучиња од страна на Петплус Македонија, која треба да послужи како пример и за останатите компании со цел да им се подобри квалитетот на живот на крзнените жители.„Од името на нашите крзнени жители и од името на тимот на Хачико БЛАГОДАРИМЕ и им посакуваме на сите граѓани СРЕЌЕН БОЖИЌ“, истакнаа од прифатилиштето. Имено истото е отворено на 3. Октомври 2024. Со прифатилиштето раководи ЈП Комуналец од Битола, а вработени се негователи за кучињата и шинтери. Но, потребата од волонтери е секогаш присутна, да се вклучат во процесот на социјализација на кучињата за истите да стекнат доверба со луѓе, волонтери за шетање, фотографирање. Отворена е можноста да бидете спонзор и промотор за вдомување на некое куче. Во моментов 8 активисти кои потпишаа договор за волонтирање, помагаат во прифатилиштето. Секое куче си има своја куќичка, ќебенце, а за нивното здравје се грижат неколку ветеринарни амбуланти и клиники од Битола: Филипов, Чупона, Буневски, ВетМакс и Проветалек. ЈП Комуналец, како што не информираа, пред отворањето на прифатилиштето имаше средба со здруженија од Битола од кои беше побарано да достават предлози за вработување на активисти кои со своето искуство би придонеле за квалитена работа на прифатилиштето. Како претставник на активистите вработена е Јулијана Силјановска. Активистите кои се вработени, а кои сакаат да помагаат се вклучени како волонтери.Од отворањето па се до денес, 120 кучиња го поминаа хуманиот и здравствен третман, а вдомени се 25.Статистиката која со нас ја споделија од Хачико зборува дека во месец декември, хуманиот третман го поминале 22 кучиња, дел од нив биле заловени од нивните заловувачки тимови, а дел биле донесени од активисти. Среќно се вдомиле 6 кучиња, 16 биле вратени на матичната локација. Стерилизирани биле 17, а кастрирани 5 кучиња. Секој кој сака да вдоми куче потпишува договор со кој се обврзува на целосна нега за кучето.Во моментот во прифатилиштето престојуваат 10 кучиња кои живеат и се движат во централното градско подрачје. Истите ќе бидат вратени после празникот Божиќ на истите локации од каде биле заловени. Сите заинтересирани граѓани кои размислуваат за вдомување на миленик, може да го посетат прифатилиштето од 10 до 14 часот, да се запознаат и да се дружат со нивниот потенцијалниот нов миленик .Граѓаните кои сакаат да донираат храна и ќебиња истото можат да го направат секој ден од 10 до 14 часот.