Home » „Правата на децата на сцена“- македонската и светската порака за Светскиот ден на детските театри

„Правата на децата на сцена“- македонската и светската порака за Светскиот ден на детските театри

by culturalchat

По повод Светскиот ден на детските театри 20-ти Март, кој оваа година се одбележува под мотото „ Правата на децата на сцена“, македонската порака ја пренесе м-р Јулијана Мирчевска, претседателка на Македонскиот национален центар на детски театри АСИТЕЖ Македонија.„ На сцената каде што светлината нежно паѓа, детските соништа добиваат глас. Денес не славиме само театар, денес славиме нешто навистина посебно – правото на секое дете да сонува, да создава и да ја доживее магијата на театарот и повикуваме за повеќе светови создадени од мали, храбри срца — светови во кои сè е можно, каде секоја приказна има крилја.
Во секој детски поглед што ја следи сцената се раѓа нов универзум, со секој аплауз — надеж дека магијата ќе трае. Да ги чуваме тие светови.
Да ги негуваме тие гласови.
Да им оставиме простор да сонуваат гласно. Зашто детскиот театар не е само уметност — тој е почеток на сè што допрва ќе стане. Нека ни е честит 20 март – Светскиот ден на детските театри“.Светската порака ја пренесе претседателката на ASSITEJ International, Сју Џајлс. Пренесуваме дел од истата: „Низ целиот свет, нашите членови — уметници и организации кои се занимаваат со театар и создаваат перформанси за, со и од деца и млади — вложуваат големи напори за да добијат признание за својата работа и за својата публика. Децата и младите под 18 години сочинуваат околу 29% од светската популација, а сепак оваа значајна бројка е културно маргинализирана во повеќето општества, само поради нивната возраст. Оваа кампања за Светскиот ден е клучна за да се насочи вниманието кон целите на ASSITEJ. Таа претставува силна, глобална акција која го истакнува приоритетот на културата за сите деца и млади. Најважно, таа насочува кон низа локални активности, специфични за секој контекст, на еден одреден ден — 20 март — ширум светот. Ова е момент што вреди да се создаде. Уметноста и културата за, со и од деца и млади се суштински дел од пошироката културна екологија. Зашто таму се негуваат и хранат младите умови и духови, таму каде што се развива критичка публика и каде што активните културни учесници добиваат глас и моќ.
Кога станува збор за пристап до театар и изведувачки уметности, постои едноставен клуч: возрасните се оние што овозможуваат или го контролираат искуството на детето или младиот човек. На многу места, правото на детето и младиот човек да учествува во уметноста, културата и слободното време не е препознато, прифатено, не е разбрано и не се сфаќа сериозно. Исто така често се занемарува или игнорира нивниот глас и нивното право на самоизразување. Затоа нашата кампања за Светскиот ден ја нагласува важноста да се ПОСТАВАТ НА СЦЕНА, ПРАВАТА НА ДЕТЕТО ЗА УМЕТНОСТ И КУЛТУРА — овозможувајки овие права да се видливи, присутни и непосредни за сите возрасни, кои можат да овозможат пристап. Работата на ASSITEJ International е да промовира и обединува — правејќи ги културните права на децата и младите централен столб на ангажманот, ширум светот. Нашата работа е да дејствуваме, да создаваме и да твориме со инспирација и посветеност. Само вака можеме со радост, секој возрасен гледач да го убедиме за потребата театарот и изведувачките уметности да бидат достапни и пристапни за децата уште од нивното раѓање, и да ја добиеме нивната поддршка за оваа цел“.

 

 

Related Articles