По пауза од девет години, Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски се најдоа повторно заедно на една сцена во Филхармонијата. Вонсериските музичари со долгогодишна кариера на интернационалната сцена, ја поведоа публиката на незаборавно музичко патување. Концертот го започнаа со изведба на „Дом“ (Home), композиција од филмот „Војната заврши“ од Митко Панов. Роџевски и Лумановски живеат во Њујорк, а Бојаџиев во Лисабон, музички и пријателски се споиле пред 25 години, додека сите живееле во САД.
На програмата беа авторски композиции и преработки на македонска изворна музика, во едно ново уникатно издание, со интимен карактер и модерна аранжманска структура и изведба.па така публиката имаше можност да ги чуе „Абер Дојде Донке“, „Калеш Анѓа“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Параходот „Татко“,„Дојди“ и „Танго до балчак“, композиции од филмот „До балчак“ на Столе Попов и други. Во еден дел од концертот, Роџевски свиреше тамбура.
Извонредниот талент на тројцата врвни претставници на македонската музика одамна ја има својата потврда на светската сцена, а имињата на Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски се запишани и зад едни од најраскошните, маестрални концертни доживувања кај нас. Покрај меѓународниот успех и соработки, како музички уметници и автори, нив ги поврзува безвременоста на музиката која ја создаваат со фантастичен сензибилитет и оригиналноста во нивните беспрекорни изведби.
Дуке Бојаџиев е македонски композитор на филмска музика и пианист, кој од 2001 година живее и работи во Њујорк. Тој има дипломирано на Медицинскиот Факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон. Низ неговата интернационална кариера во светот на филмската музика, Дуке има работено со добитници на Оскар како Џонатан Деми и Данис Тановиќ, со Тамара Котевска, Рајко Грлиќ и Столе Попов. Неговата музика е користена за светски кампањи на брендови како „Пежо“, „Ланком“ и „Лореал“, различни светски компилации како „Буда Бар“ и „Маракеш Експрес“. Има работено со артисти како Синди Лопер и Телепоп Мјузик, а има настапувано во светски дворани, меѓу кои Карнеги Хол во Њујорк, Авалон Театар во Лос Анџелес и Античкиот Театар во Охрид.
Крсте Роџевски е вокалист и гитарист кој повеќе од дваесет години живее и работи во Њујорк. Неговата музичка кариера започна во родната Битола во музичка формација од која подоцна, покрај неговата соло кариера, ќе настанат бендовите Фолтин и Љубојна. Пошироката публика го познава по соработката со Дуке Бојаџиев на неговиот албум „Љубовта е патот“ и филмовите „До Балчак“ на Столе Попов, „Сенки“ на Милчо Манчевски и „Војната заврши“ на Митко Панов. Добрите познавачи на џез/фолк сцената во светот, пак, го познаваат и по неговите шест оригинални авторски објави, издадени за дискографските куќи Much Prefer Records, MOD Reloaded, Point of Entry, и Defkaz, во последнава деценија : „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017), „The Rabbit And the Fallen Sycamore” (2018), „Hubris“ (2020), Fair Weather Friends (2022) и Black Earth (2023).
Извонредниот кларинетист Исмаил Лумановски е музичка сила на страст и динамична виртуозност. Веќе од меѓународно значење, неговиот синергетски спој на природен талент и обука го комбинира духот на народната музика со дисциплината на класичната музика. Неговите изведби широко ја привлекоа светската критика. Њујорк Тајмс напиша за неговата изведба со Пјер Булез, „солистот – брилијантниот, бестрашен кларинетист Исмаил Лумановски – се усогласи со различни инструментални контингенти на големиот ансамбл“. Лумановски ја имаше привилегијата да настапува како солист со безброј извонредни музичари и оркестри помеѓу кои: Die Deutsche Kammerphilharmonie, The Berklee Middle Eastern Fusion Ensemble, New Juilliard Ensemble, World Youth Symphony Orchestra, Qatar Philharmonie, Lucerne Festival Orchestra, Geneva Camerata, Macedonian Philharmonic Orchestra. Исмаил Лумановски дипломира и магистрира на престижниот „The Juilliard School“.