По повод 8-ми Април, Меѓународниот ден на Ромите, се одржа настанот насловен „Биди и ти како…“ во кафе-бар „Порта Џез“ во Битола. Истиот беше во организација на Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“.
На настанот учествуваа успешни млади Роми кои придонесуваат за целокупниот труд на ѕдружението, градот и претставуваат примери за сите млади од ромската заедница и останатите заедници од Битола, а гости беа младите од сите средни училишта од градот.
За време на настанот, претседателката на здружението Сумнал, Фатма Бајрам Аземовска му врачи благодарница за особен придонес кон развојот на ромската заедница во Битола на градоначалникот Тони Коњановски, а потоа им доделија благодарници на сите присутни говорници, училишта, соработници и поддржувачи на нивната работа.
Атмосферата ја збогати Анастасија Трајковска со нејзиниот прекрасен глас која е ученичка во СОУ„Јосип Броз Тито“, а беше придружувана од нејзините пријатели Ева Тодоровска и Мартин Петковски кои заедно го сочинуваат бендот „Мазно, ама не е“.
„Со настанот овозможивме мнозинството да ги запознае своите сограѓани стекнувајќи нови пријателства и промовирајќи успешни примери за соживот и почит кон различните заедници и култури кои живеат во нашиот град.
Преку следењето на излагањата и дружењето направивме уште еден чекор кон придонесот за соживот, рушење на предрасудите и стереотипите и активно младинско граѓанско учество“, ни изјави Фатма Бајрам Аземовска.
Нека е честит 8-ми Арил, Меѓународниот ден на Ромите!