Home » Потпишан Меморандум за соработка помеѓу КИЦ Битола и Мултимедијалниот културен центар од Сплит

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу КИЦ Битола и Мултимедијалниот културен центар од Сплит

by culturalchat

Сценско – уметничката, ликовно галериската дејност, во КИЦ-Офицерскиот дом,  завзема посебно и видливо место во програмските активности на оваа установа. Поради поседувањето на исклучително атрактивните концертни и презентациски простори во своите објекти, пред се концертната сала во Офицерскиот дом, амбиенталноста, опременоста и отвореноста и професионалниот тим, ЈОУ КИЦ-Битола, за кратко време стана средиште на бројни музичко – сценски настани, фестивали и проекти.Тука е и посредувањето во културата како една од главните функции на културните центри, која им овозможува на авторите, изведувачите од земјава и странство да ги изложат, презентираат, промовираат и направат достапни за публиката своите дела. Токму од таму соработката со странските културни центри е од особено значење. Директорката на Културно информативниот центар Лили Бошевска потпиша Меморандум за соработка, документ кој овозможува размена на искуства, програми и проекти од областа на културата со директорката на Мултимедијалниот културен центар во Сплит, Стефана Дошен.

„Многу ни значи воспоставувањето на пријателски односи со Р.Хрватска и соработката со град како Сплит, бидејќи ќе имаме можност да размениме искуства, во областа на културата. На почетокот се договоривме таа соработка да биде во насока на развивање на филмската уметност, ќе имаме застапување на младите сплитски автори, исто така ние бидејќи го имаме фестивалот Браќа Манаки кој се одржува во Битола и како град кој е на некој начин наследник на таа традиција.Со оваа соработка отвараме нови видици, нови позиции“, истакна Бошевска.

Мултимедијалниот културен центар во Сплит е институција за организација и продукција на културно-уметнички програми од областа на визуелните, филмските и музичко-сценските уметности, која во својата работа ја негува и промовира интермедијалноста, интердисциплинарноста, мултимедијата, експериментот и иновативноста.

Нивната работа се заснова на идејата за отворена институција; покрај производството на сопствена програма, институцијата обезбедува простор за работа и презентација пред се на претставници на независната културна сцена и соработува со други институции, здруженија и креативни поединци во копродукциски проекти и иницијативи.

„Ова е проширување на кругот на пријатели, но и простор за проширување на културната програма, конкретно промоција на хрватските, сплитските уметници и понатамошна соработка за збогатување на културно уметничката програма во нашата институција. На почеток ќе се концентрираме на размената на филмската програма, на тоа поле имаме многу што да понудиме и исто така очекуваме богата програма од културно информативниот центар од Битола“, изјави директорката на Мултимедијалнио центар од Сплит, Стефана Дошен.

Во присуство на претседателот на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ од Битола, поранешниот почесен Хрватски конзул во Битола, Бранко Маретиќ, на чија иницијатива беше потпишан овој меморандум,  директорките потврдија дека истиот е поддржан од Општина Битола и градот Сплит.

„Оваа соработка е на едно повисоко ниво и значи  поврзување на двата пријателски народи: хрватскиот и македонскиот.Идејата дојде при разговорот со директорката на Културно информативниот центар, потоа се поврзавме со Бранка Безиќ Филиповиќ  која долго време беше директор на претставништвото на Хрватската Матица на иселеници од Сплит, а потоа се поврзавме и со претходниот директор на Мултимедијалниот културен центар, Јошко Јерончиќ, како и со сегашната директорка госпоѓа Дошен. Се надеваме дека оваа соработка ќе се развива на едно повисоко културно ниво. Истата е претставување на културите на нашите два народи“, рече Маретиќ.

Оваа соработка ќе допринесе и кон развојот на туризмот посебно што Сплит е препознатлив туристички град , но и нашиот град е позната туристичка локација.

„Да, оваа соработка многу значи и од аспект на туризмот, бидејќи во рамките на КИЦ, работи туристички информативен центар кој ќе ги користи искуствата кои ги има Сплит како град кој е еден богат културен центар. Ќе соработуваме на секое поле, но мора од некаде да почне, па ова наше доаѓање во Сплит многу ни значи, а следната година очекуваме возвратна посета“, ни изјави Бошевска.

Преку промоција на уметници и уметнички колективи од Хрватска и Македонија, двата културни центри работат на подигање на видливоста и важноста на  меѓународните соработки.

На состанокот посебен акцент се даде и на размената на младите уметници.

„Искрено младите како да ги имаме некако запоставено и ни одговараше кога во Мултимедијалниот центар во Сплит ни кажаа дека тие се насочени кон развојот на уметноста поврзана со младите и тоа е освежување за нив бидејќи мора на младите да им дадеме пример како треба да направат една споредба, не од аспект на натпревар, туку од аспект на идеи, на творештво, така што мислам дека оваа соработка убаво ќе дојде посебно за младите луѓе“, додаде директорката на КИЦ.

На потпишувањето на меморандумот присуствуваа и Бранка Безиќ Филиповиќ, поранешната директорка на Хрватската матица на иселеници претставништво Сплит и поранешниот директор на центарот од овој хрватски град, Јошко Јерончиќ.

Идната соработка меѓу КИЦ-Битола и Мултимедијалниот културен центар од Сплит  се темели на богатата културна традиција создадена од бројни уметници кои настапувале и настапуваат во двете држави.

На крајот беа разменети пригодни подароци.

 

 

Related Articles