Денес во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Загреб беше потпишан Договор за културна соработка меѓу Музејот на уметност и занаети во Загреб и Националната галерија на Република Македонија во Скопјe. Договорот го потпишаа директорот на Музејот во Загреб, Сањин Михелиќ, и директорот на Националната галерија на Република Македонија, д-р Али Синани.
Целта на Договорот е зајакнување на меѓународната соработка меѓу двете институции преку презентација и промоција на уметничкото и културното наследство на Република Хрватска и Република Македонија, како и развој на заеднички и индивидуални програми. Ова дополнително ги зајакнува капацитетите на двете институции со посебен акцент на поврзување на нивните богати фондови, од историски колекции до современа уметност и уметнички занаети. Директорот на Националната галерија на Република Македонија, Али Синани, во оваа пригода истакна: „Верувам дека потпишувањето на овој Договор ќе овозможи размена на знаења и искуства и ќе отвори нови можности за вмрежување меѓу македонските и хрватските културни работници и уметници“.
„Особено сме задоволни што со потпишувањето на овој Договор, ќе реализираме две изложби оваа година, со што веднаш ќе ја трансформираме оваа соработка во конкретна и видлива културна програма за публиката во двете земји“, рече директорот на Музејот во Загреб, Сањин Михелиќ. Соработката ќе се конкретизира преку низа идни проекти, меѓу кои веќе во 2026 година се издвојуваат две значајни изложби: „Арсовски – фотографи“ и „Менче Спировска: визуелни фасцинации на Загреб“, во галерискиот простор Мала станица на Националната галерија на Република Македонија во Скопје. Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на македонскиот Културно-информативен центар на Република Македонија во Загреб, истакна: „Потпишувањето на овој Договор претставува важен чекор во зајакнувањето на културната соработка меѓу двете земји. Овој центар игра значајна улога во поттикнувањето и продлабочувањето на соработката меѓу македонските и хрватските институции во интерес на промоција и афирмација на културните вредности на двете земји“. Оваа иницијатива ја потврдува важноста на меѓународното вмрежување на културните институции и придонесува за развој на поквалитетни и поразновидни културни содржини достапни за пошироката публика. Договорот е резултат на повеќегодишно партнерство и успешна имплементација на заеднички проекти помеѓу Музејот на уметност и занаети и Културно-информативниот центар на Република Македонија во Загреб, што дополнително ги зајакнува културните врски меѓу двете земји.
Информации: МУО. Фотографии: Сречко Будек, МУО.

