Во Офицерскиот дом во Битола, пред голем број на љубители на ликовната уметност, беше отворена изложбата “Поема на атомите“ на Благојче Петровски . На изложбата беа претставени 50-тина дела.
За истата и делата на Петровски зборуваше и историчарот на уметност, графичарот, ликовниот критичар Владо Ѓорески кој истакна:
„ Целокупната меморија на универзумот е запишана во нашите срца, а нашето срце ја испраќа во вселената. Тое всушност софизмот, од каде што почнува Благојче, тоа е сликарството кое зборува за меморијата на срцето на човекот, не како темно петно, туку како светла точка на една изгубена земја. Неговиот циклус е всушност една голема ода на паметењето на срцето, една голема ода на чуствувањето на светот на начин кој е многу далеку од она што денес ни се случува. Неговата порака е суптилна, мистична многу значајна. Неговите слики не содржат форми кои се површни, туку содржат одредена мисла, која според Јунг е паметење на универзумот. Тоа значи дека со нашите животи управува универзумот, а не авторитетот на човекот. Оваа изложба е еден вид патоказ дека уметноста која е во длабока криза поради својата формалност, поради својот екоцентризам, поради својата истрошеност, но, и порака дека сепак има некаква смисла и дека таа смисла останува некаде забележана, како меморија и ќе остане како светлина ѕвезда“.
Авторот Петровски се заблагодари на организаторите и присутните и истакна дека изложбата ја подготвувал од крајот 2022 година. Рече дека битолската публика знае да го цени и да го почитува уметничкиот израз, имајќи толку богато културно наследство кое секако влијае на вкусот како важен дел од идентитететот на битолчани.
За изложбата истакна дека е инспирирана од древната поезија на Руми, легендарниот поет и мистик од 13 век.
„ Во времето кога фреквенциите на стрес и негативните енергии преовладуваат, кај сите нас на различен начин се појавува потребата за извор на нивно прочистување и обнова. Точно таа потреба најде израз во овие дела на оваа изложба насловена како „Поема на атомите“ кои верувам и се надевам дека придонесуваат кон ако не прочистување тогаш барем амортизирање на нашето секојдневие“, додава Петровски.
Делата на Петровски за прв пат беа изложени на 10. декември во галеријата „Ко-ра“ во Скопје во рамките на заедничкиот настан со оперската пејачка Биљана Бајевска посветен на арии и дуети од операта „Травијата“, потоа изложбата беше презентирана и во Кавадарци во домот на културата „Иван Мазов – Климе“.
Благојче Петровски е роден во Битола. Сликарски твори последните триесетина години, најмногу во сферата на иконографијата и во сферата на сопствените размислувања и интерпретации на темите, естетиката и импресиите на повеќеслојните состојби во кои постои. Учесник е на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и надвор од земјата од периодот од 1997 па се до денес. Беше дел од групата која го сликаше прекрасниот фрескоживопис на црквата СВ. Димитрија во Кавадарци .