Малта е остров во Медитеранот, земја на сонцето, посебно ако се земе во предвид дека има 300 сончеви дена годишно. Ако додадеме на тоа кристално чисти води, тоа е несомнено одлична дестинација за посета. Малтешките острови, ги нарекуваат музеј на отворено. Она што ги прави уникатни е 7000 годишна историја.
УНЕСКО ги прогласи мегалитските храмови на Малета и Гозо за светско наследство, вкупно седум храмови различни едни од други. Каде и да одите, пејсажите на островите и архитектурата нудат спектакуларна глетка. Впечатливи бои – медено обоен камен во мешавина од медитеранско синило…
„Се вљубив во Мдина, искрено. Тоа е премало гратче, кое што е навистина тивко – не е таква легендата, туку претивко е, во песочна боја е обвиен цел град. Јас уживам во таквиот пејзаж“, вака го започна разговорот со нас младиот писател Јован Илиески кој неодамна се врати од својата посета на Малта.
Илиески е инаку автор на 5 книги: Соба 610, Душа на парче хартија, Кругот на животот, Сенки на полноќ и Ноќта кога ја напуштив Прага.
Идејата за посета на Малта дошла спонтано.
Ј.И.- Јас не одлучувам каде ќе патувам и немам големи очекувања од истото. Патувам за да искусам нешто ново и да го доживеам новиот начин на живот и менталитет. Отпосле, сфатив дека Малта е совршено место за одмор, а од друга страна е пребогато со историја – нешто што ми е приоритет за патување.
Го запрашавме какво искуство беше Малта за него.
Ј.И.- Си доаѓам со едно богато искуство. Тамошниот народ е многу поразличен од нашиот. Немаме многу заеднички жици и не нѐ спојуваат многу нешта. Храната на Малта е специфична, но, мислам дека македонската кујна е далеку по богата. Имаат малку брз живот и тоа не ми пречеше, но – уживав во восприемањето на ново искуство, подалеку од нашата земја.
Покрај тоа што Малта е музеј на отворено, нуди за секого по нешто за посета.
Ј.И.- Кога патувам, сакам да видам што повеќе од историјата, архитектурата, уметноста. Додека бев на Малта, секако дека ја посетив Валета, потоа, античкиот главен град Мдина, кој што го викаат ‘тивкиот град’ и е совршен спој на ренесансна архитектура, која што потсетува и на Мароко. Успеав да го видам и другиот остров Комино, каде што морето е навистина сон! Се разбира, градови како Гзира, Слиема, ги разгледав попатно.
Какви беа мерките за патување, со оглед на тоа што на некои места сеуште се носат маски, се бараат ПЦР.тестови и сл?
Ј.И.- Конечно, мерките стивнаа и можам да патувам без грижи. Сѐ уште стои правилото за негативен ПЦР тест, но, компликациите околу вакцините престанаа да постојат. Тоа неизмерно ме радува! Во локалите и на јавните места, маски не се потребни и никаде не прашуваат за негативен тест. Опуштено е. Така што, негативен тест и слободни сте, Малта ве чека!
Од сите места кои ги посети што најмногу ти остави впечаток?
Ј.И.- Јас се вљубив во Мдина, искрено. Тоа е премало гратче, кое што е навистина тивко – не е таква легендата, туку претивко е, во песочна боја е обвиен цел град. Јас уживам во таквиот пејзаж! Најтопло го препорачувам. Таму е и катедралата Св. Павле (St. Paul’s), каде што се одржуваат венчавки од секаде низ светот, а јас и имав чест да присуствувам на една церемонија која што навистина беше бајковита, баш како што се зборува. Магично.