Home » Пеењето во хор го зголемува ендорфинот-разговор со диригентката Марина Коруновска

Пеењето во хор го зголемува ендорфинот-разговор со диригентката Марина Коруновска

Аудиција за нови членови во поп рок хорот “Битвокс”

by culturalchat

„ Битола е музички град, кој негува секаков вид на музика. Нашата идеја беше да донесеме освежување и на хорската и на поп-рок сцената воопшто. Мислам дека “Битвокс” е една успешна симбиоза“, вака го започна разговорот со нас диригентката Марина Коруновска, а по повод новоформираниот хор во Битола кој веќе после првиот концерт ги освои симпатиите на сите кои присуствуваа на истиот.

Оние кои некогаш макар и за кратко биле дел од хор, знаат што значи заедничкото музицирање, енергијата која се создава и пред се, дружењето за време на самите проби и концерти, кое е тешко да се опише со збор додека не се почувствува.

Коруновска покрај тоа што бележи бројни настапи како солист, посветена е и на педагошката дејност и  е професор по соло пеење во Државно музичко училиште – Битола. Нејзините ученици се студенти во престижни факултети во Виена-Австрија, Букурешт- Романија,  а некои од нив веќе се и на големите сцени во Германија.

Добитник е на сертификати за постигнати врвни резултати како професор  на престижни натпревари во: Москва – Русија, Киев – Украина, Малта, Израел, Бугарија, Хрватска, Словенија, Италија, Србија, Турција и Македонија. Директор е на центарот за музичка едукација Korunovska singing & music, ( Детски хор “Ѕвончиња”, “ТEEN Ѕвончиња”, Камерен хор “ Мелодиум”, Хор при словенечкото здружение “Триглав”, Поп – Рок хор за возрасни BITVOX) . На иницијатива на академик проф. Ѓорѓи Здравев во април, 2019 год. е назначена за Директор на Камерна опера- Битола.

Во Битвокс може да членува секој кој што има желба за пеење и основна музикалност. Па така отворена е аудиција за нови членови која ќе се одржи на 4.октомври, вторник, во 17.30 часот. „Би сакала да напоменам, дека ни се потребни машки вокали, но и девојки, жени се добредојдени “, вели Коруновска. Пријавување во Inbox на Korunovska music i singing или со порака на 072-225 -257.

Зошто да пеете во хор? Затоа што пеењето е неверојатен подарок кој ни го дала природата !Неврологијата докажала дека нашите станици се поврзуваат на различни начини додека пееме. Со активирање на дел од мозокот кој учествува во пеењето, тој ослободува ЕНДОРФИН- хормон на среќа, и така стануваме среќни, здрави, паметни и креативни. Кога пееме со други луѓе, тој ефект се засилува.

Науката докажува дека при заедничко пеење се ослободува и ОКСИТОЦИН- хормон на љубовта и задоволството, и луѓето кои пеат во хор помалку страдаат од депресија, анксиозност и осаменост. Воедно, се’ повеќе испитувања потврдуваат дека при процесот на заедничко пеење се ослободува ИМУНОГЛОБУЛИН – кој е одговорен за засилување на нашиот имунитет. Луѓето кои редовно пеат, имаат и пониско ниво на КОРТИЗОЛ- хормон на стрес.

Се’ повеќе научни трудови од оваа област, ја потврдуваат врската помеѓу музиката и хемиските процеси во човековото тело.

Најубавото од се’ е дека не треба да бидете исклучителен вокален талент, за да ја осетите секоја полза од хорското пеење. Доволно е да пеете во рамките на вашите можности.

Какво е чувството сега после концертот?

М.К.- И повеќе од очекуваното, ха ха. Задоволни, среќни, исполнети. Впрочем секогаш кога процесот на подготовка на било кој проект, концерт, настап  ќе се круниса со еден задоволителен производ, целта е постигната. Но, нашето време допрва доаѓа, а со тоа и нашиот ангажман и подготвеност ќе бидат уште поголеми и позадоволителни.

Од каде идејата за формирање на ваков вид на хор?

М.К.- Идејата потекнува одамна, уште пред пандемијата, но чекавме да се создадат услови за да може да се реализира. Во месец декември 2021г.во школата Korunovska music &singing ни се приклучи познатиот рок пејач и гитарист од нашиот град, Михајло Трајковски- Сак, кој ни даде дополнителен стимул да ја реализираме идејата. Веднаш после Нова година се мобилизиравме со подготовки и осмислување на проектот, направивме аудиција и во месец март 2022г. хорот започна со работа.

Каков е предизвикот да се работи со возрасни?

М.К.- Секоја возрасна група е специфична на свој начин за работа, со децата е полесно од еден аспект, со возрасните од друг, но најважно е што позитивната енергија што се пренесува, шири, за време на пробите ја има постојано, кај сите, па затоа секој предизвик е во исто време и задоволство.

Колку членови брои хорот?

М.К.- Хорот брои околу 25 членови, а после концертот поради големиот интерес за зачленување, во вторник 4 октомври , во 17.30 часот организираме нова аудиција.Би сакала да напоменам, дека ни се потребни машки вокали, но и девојки, жени се добредојдени.

Каков репертоар ќе изведувате?

М.К.-Во моментов на репертоарот се наоѓаат поп рок песни од англиско, македонско и српско говорно подрачје. Во план  сме репертоарот да биде збогатен и со хрватски, германски, италијански, шпански песни. При изборот на песни пред сé се водиме од квалитетот на музиката, можноста да се направи добар аранжман на истата, па потоа доаѓа разновидноста во однос на јазикот.

Кој сé може да биде член на хорот? Дали е потребно да се музички образовани членовите, да знаат нмузичка нотација?

М.К.-Во хорот може да членува секој кој што има желба за пеење и основна музикалност, која ја проверуваме преку кратка аудиција. Кандидатите не мора да имаат познавање на музичка нотација, затоа што аранжманите се наши, се прават спонтано, тековно во рамките на пробите, без нотни партитури.

Колку Битола имаше потреба од еден нов вид на хор?

М.К.- Многу. Битола е музички град, кој негува секаков вид на музика. Нашата идеја беше да донесеме освежување и на хорската и на поп-рок сцената воопшто. Мислам дека “Битвокс” е една успешна симбиоза.

Каде се следните настапи? Која е целта на хорот?

М.К.- Во моментов настапите не ни се приоритет. Она што ни е цел е квалитетно изодување на процесот, подготовка на нов репертоар, после оној што беше презентиран на настапот, на Оф програмата на Фестивалот “Браќа Манаки”. Не сакам да кажам дека немаме планови, напротив, се подготвуваме интензивно и да, селективни сме во однос на понудите поради тоа што замислата на хорот  е соодветно претставување на автентични настани. Целта не ни е цел сама по себе, целта е уживање и квалитетна подготовка на секоја замисла што ја имаме.

Годините се само бројка, а гласот е нашиот невидлив жив инструмент од почетокот до крајот на нашиот живот. Затоа, не чекајте ! Пријавете се и бидете дел од првиот поп-рок хор во Битола и Македонија. 4.октомври, вторник, во 17.30 часот.

Фотографии: Ивана Кочов

 

 

 

Related Articles