Home » Парискиот квартет „Модиљани“ ја воодушеви публиката на Охридско лето

Парискиот квартет „Модиљани“ ја воодушеви публиката на Охридско лето

by culturalchat

Во магичниот амбиент на црквата „Света Софија“, публиката беше сведок на извонредната изведба на парискиот квартет „Модиљани“ во рамките на ЕУ-вечерта на Фестивалот „Охридско лето“. Амари Сојто (виолина), Лоик Рио (виолина), Лорaн Марфан (виола) и Франсоа Кифер (виолончело) ја воодушевија публиката со својата енергија, страст и беспрекорна музикалност, носејќи вечер полна со емоции и уметнички сјај.  
Квартетот, кој слави 20 години од своето постоење, подари прекрасна изведба на дела што ја истакнаа нивната посветеност на камерната музика, свирејќи на ретки инструменти од Страдивари, Гуадагини, Мариани и Гофрилер. Парискиот квартет денес важи за еден од најзначајните гудачки квартети постојано гостувајќи на најдобрите фестивали за камерна музика низ целиот свет. Во 2017 година на квартетот „Модиљани“ му припадна честа да биде прв квартет кој настапил во големата сала на новата „Елбфилхармонија“ во Хамбург. Во 2020 година членовите на квартетот ја добиваат улогата на уметнички раководители на Фeстивалот за гудачки квартети „Вибре-квартети во Бордо“, како и на престижниот Меѓународен натпревар за гудачки квартети во Бордо. Тие се основачи и уметнички раководители на Фестивалот „Сaн Пол де Ванс“, а од 2023 година предаваат камерна музика – гудачки квартет на Високата школа „Алфред Корто“ во Париз.Од 2008 година квартетот издава носачи на звук за издавачката куќа „Мираре“ и досега имаат издадено 13 ЦД-а. Во 2024 година, нивниот последен албум со музика од Григ и Сметана е позитивно примен од музичката критика: „Францускиот квартет „Модиљани“ ги оживува овие емотивно интензивни дела со енергија, мноштво на бои и сјајна страст“ („Рондо“- јануари 2024). Овој албум се наоѓа на листата најпродавани албуми од класичната сфера и им ја носи Наградата на Германската стручна критика. Во сезоната 2024/2025 квартетот „Модиљани“ е посветен на еден од најголемите потфати во нивната кариера, а тоа е снимањето на сите 16 гудачки квартети од Лудвиг ван Бетовен. Покрај тоа, во октомври минатата година остварија турнеја низ САД, а потоа и концерти во Хамбург, на биеналето на гудачки квартети во „Аудитори“ во Барселона, во Филхармониската сала во Стокхолм и на „Шубертијадата“ во Шварценберг.

 

Related Articles