По повод 5. Мај, Денот на македонскиот јазик, повеќе објекти во државата блеснаа со цитати на македонските книжевни дејци. Цитати кои будат длабоки чувства за македонскиот идентитет, литература и култура, за нашата самобитност, гордо и моќно беа испишани преку видеопроекции, а во организација на Министерството за култура. Во зборови на нашите книжевни дејци беше облечен Офицерскиот дом во Битола и тоа од: Марко Цепенков, Кочо Рацин, Видое Подгорец, Петре.М.Андреевски сведоци на нашата книжевност.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска за овој дел од програмата вели: „Присуствуваме на свечена вечер над македонското небо, достојна за денот кој денеска богато го одбележуваме. Мисли и стихови на повеќе генерации дејци и писатели се вклопени во една приказна преку која се создава слика за македонската историја. Проектот се одвива на атрактивни локации, а со него дадовме нов современ приод во остварување на аманетот кој го имаме-да го чуваме, негуваме и афирмираме македонскиот стандареден јазик, зашто е тој нашиот дом, нашиот идентитет“.
Проекциите се одвиваа и на: скопското Кале, на Сообранието на Македонија, Самоиловата тврдина во Охрид, Спомен домот „Блаже Конески“ – Небрегово, СОУ „Јане Сандански“ – Струмица, Црква Св. Никола, Крушево, на Спомен-коструницата во Велес.
Проектот кој е во духот на слоганот на програмата за одбележување, „Пишувај на кирилица!“, ги потенцира пораките од македонската меморија, како: „Послушајте Македонци! Јазикот е единствената наша татковина “, „Милоста кон родниот јазик е наш долг и наше право“, „Мајка имаме една, а таткојната је хилјади мајки“, „Тамо зората греит душата и с’нце светло зајдвит в гората“,„Кажете ѝ на мајка ми нека не жали оти сепак ние ќе победиме! “, „Кога ја љубев Дениција, како да учествував во создавањето на првата македонска држава“, „Со една надеж, за трошка љубов, за малку среќа, живееме“, како и „За овој свет, кој ни е единствен, и со детска насмевка треба да се бориме. За овој свет!“.
Проекциите беа завршен дел од целодневната програма на Министерството за култура кое со низа разновидни настани и панел-дебата го одбележа Денот на македонскиот јазик.