Во организација на НУ Центар за култура – Битола и Друштвото за архитектура, дизајн и култура – Архифакт – Скопје, на 8 април 2026 год., среда, во 12.00 часот, во изложбениот салон на Центарот за култура, ќе биде отворена изложбата „Тешкотиите ќе исчезнат, но доброто дело ќе остане – Македонската „робинзонијада“ на семејството бегалци Малахови“. Автори на изложбата и каталогот се: д-р Јасмина Дамјановска, проф. д-р Ленина Жила, Љубица Велкова и Јасминка Намичева. Реализацијата на изложбата е во рамките на проектот – патувачки изложби МузеумЛинк, во организација на Јасминка Намичева, кустос советник. Изложбата преку документи, фотографии и реконструирани биографии ја претставува животната приказна на семејството Малахови – руски бегалци кои во 1930-тите години се населиле во Поречје, Македонија, каде започнале своја „робинзонијада“ во дивината, оставајќи значајна трага во научниот, културниот и општествениот развој на земјата. За жал, заради политичките процеси познати како „Коминформбиро“ членовите на фамилијата Малахови биле принудени повторно да емигрираат. А нивните имиња долго време биле во заборав.

