Во Книжевниот клуб Утопија беше претставена книгата „Живата соба“ на Благица Ваниќ и Билјана Копрова. Настанот беше замислен како отворен разговор за темите што книгата ги отвора: односите, личниот развој, емотивната зрелост и искреноста кон себе. Гостинка на вечерта беше Благица Ваниќ, која зборуваше за процесот на создавање на книгата и за тоа како текстот произлегува од реална психотерапевтска практика, но е напишан со јазик близок до секојдневното искуство на луѓето.
Промотор на книгата беше психотерапевтот Љупчо Кимовски од центарот „Свесност“, долгогодишен соработник на авторката, кој ја отвори дискусијата за значењето на „живата соба“ како простор на присутност, разговор и лична рефлексија.
Во текот на вечерта се отворија теми поврзани со анксиозноста, меѓучовечките односи, личните граници и потребата од автентичен дијалог. Публиката активно се вклучи со прашања и размислувања, што ја претвори промоцијата во динамична дискусија. Како продолжение на темите од книгата, беше претставен и практичен онлајн курс за справување со анксиозност, заснован на психотерапевтска пракса и реални животни ситуации. Со ова издание, Книжевниот клуб Утопија продолжува да создава простор за книжевни настани кои ги поврзуваат литературата, психологијата и јавниот разговор за теми што се важни за современиот живот.
Следното издание на клубот ќе се одржи на 16 март во 19:00 часот во 3D киното на Центарот за култура, каде публиката ќе има прво можност да ја проследи новата филмска адаптација на „Оркански височини“ (Wuthering Heights), по романот на Emily Brontë. По проекцијата ќе следи отворена дискусија на големата сцена, посветена на односот меѓу литературата и филмот и на современите читања на ова класично дело.



