„Предизвикот и не мора да биде многу голем кај секого, меѓутоа јас доброволно и волонтеристички се вложив во тој проект уште пред дваесетина години и така тоа стана составен и неизоставен дел од мојата професионална ориентација тука“, вака го започна разговор со нас професорот Звонко Танески, поет, есеист, критичар, преведувач, научник, македонист, околу промоцијата на македонскиот јазик низ светот. Токму бројните активности во повеќе земји, имаат важна улога во зачувувањето и ширењето на македонската култура и идентитет. За жал, македонскиот јазик не е широко распространет глобално, но постојат неколку начини на кои се поттикнува неговото учење и користење во странство, меѓу кои и на универзитетите и образовните институции низ светот, особено во региони со развиени програми за јужнословенски јазици.Покрај тоа и преводите на македонски автори на други јазици играат значајна улога во промоцијата на македонскиот јазик. Преведените дела помагаат во поттикнувањето на интересот за македонската литература, а со тоа и за самата употреба на јазикот. Неодамна во издание на „Перун Артис“ од Битола излезе од печат книгата „Кон белата“ од словачката поетеса Катарина Куцбелова, чиј превод го направи токму Танески.Каква улога имаат преводите за запознавање со книжевниот збор на странските писатели?
З.Т.- Книжевните преводи се значајни не само за зближувањето на двете култури (таа од која се преведува и таа во која се преведува), туку и за раширувањето на духовните видици на индивидуалното човечкото битие и на општеството како целост. Одамна е јасно дека токму во другата култура се согледуваме подобро и себеси. Во таа смисла книжевниот преведувач не врши само јазична трансмисија на делото, туку претставува и културен медијатор чија мисија е одговорна, но наедно и мошне благородна. Драго ми е што Катарина Куцбелова веќе ја имаме достапна на македонски јазик, бидејќи таа е една од водечките и позначајните имиња во словачката современа поезија чие творештво е препознаено и наградувано и надвор од границите на Словачка. Пред две години во издание на „Современост“ од Скопје излезе и познатиот роман „Сценарио“ од Етела Фаркашова, а лани во „Перун Артис“ се објави и збирката раскази „Еднорози“ од Барбора Хринова. Двете наведени прозни дела ја освоија престижната словачка награда „Анасофт литера“ за најдобра прозна книга на годината, па затоа ми е навистина мило што прилично брзо успеавме да ги помакедончиме. Со овие авторки се раширува и дијапазонот за поаналитичко согледување на т.н. женско писмо во словачката понова литературна продукција кај нашите македонски читатели.Воедно промовирате и македонски поети, писатели во Словачка. Кои се и која беше последната промоција?
З.Т.- Во рамките на можностите, преводите и на македонски поети и писатели во Словачка со различен интензитет ги работам веќе дваесет години и досега успеавме да преведеме и да објавиме повеќемина автори. Од постарите реализации би ги издвоил промоциите на поетските изданија на Матеја Матевски и на Богомил Ѓузел, а од поновите реализации на преводи во периодиката (зборници и списанија) би ги посочил во оваа прилика песните на Никола Маџиров за фестивалот „Арс поетика“, оние на Миланчо Пендев за Европскиот СЛЕМ фестивал во Кошице, како и песните на Виолета Танчева Златева за фестивалот „Парс Артем“, кои потоа беа објавени во познатото книжевно списание „Вертиго“ проследени и со преведеното интервју со авторката. Пред две години беше објавена и книгата „Влезот е од другата страна“ од Николина Андова Шопова, а најново работам на преводот на поетската збирка „Граматика на љубовта“ од Тихомир Јанчовски.Минатата година го промовиравте првиот учебник по македонски јазик во Словачка . За што станува збор? Сметате ли дека ова е историски подвиг како што го нарекуваат македонистите ширум светот?
З.Т.- Да, на 22 октомври 2024 година, во просториите на Амбасадата на Република Македонија во Братислава, се одржа промоција на првиот учебник за изучување на македонски јазик за Словаци (Macedónčina pre Slovákov/Македонски јазик за Словаци), кој го подготвив во коавторство со колегата Игор Станојоски. Тројца словачки универзитетски професори и промотори на учебникот го истакнаа засега нескриеното задоволство што конечно е објавен историски првиот учебник за изучување на македонскиот јазик во Словачка. Првиот рецензент на учебникот од словачка страна – професорот Павол Жиго истакна дека „учебникот претставува заслужен чин во јазичната подготовка на славистите и на сите други заинтересирани за македонскиот јазик во Словачка. Станува збор за значаен придонес во зближувањето на духовните и јазичните феномени на двата словенски народи, кои ги поврзува и најстарото културно минато кое датира уште од деветтиот век“. Според него, „конкретниот учебник ги исполнува строгите научни, стручни и дидактички критериуми на модерен универзитетски учебник и го сметам за голем удел во раширувањето на славистичките сознанија во рамките на универзитетското образование“. Вториот словачки рецензент на учебникот, професорката Мартина Иванова од Универзитетот во Прешов, го истакна фактот дека конкретниот учебник пополнува едно значајно бело место на мапата на словачко-македонските јазични врски со акцент на областа на јазичното образование и креирањето на образовни материјали. Наедно ја потенцира и убеденоста дека учебникот ќе добие цела редица верни корисници и во универзитетската средина и надвор од неа“. Најпосле, професорот Мирослав Дудок од Филозофскиот факултет при Универзитетот Коменски во Братислава изјави дека „објавувањето на учебникот е од исклучително значење за целата културна фела во Словачка, бидејќи на ваков учебник се чекаше во Република Словачка и повеќе од педесет години. Неговото отсуство досега го оневоможило подлабинското истражување на македонскиот јазик во неговата работна кариера, иако досега се потрудил да подготви и неколку книжевни преводи, а присуствувал и на бројни културни настани и симпозиуми во Северна Македонија“. Останува да видиме какви ќе бидат одгласите понатаму и, пред сè, каков успех ќе има учебникот и во практиката меѓу студентите во Словачка.Каков предизвик е да се промовира и афирмира македонскиот јазик во Словачка? Колкава е заинтересираноста во Словачка, конкретно во Братислава и Нитра за изучување на нашиот јазик?
З.Т.- Предизвикот и не мора да биде многу голем кај секого, меѓутоа јас доброволно и волонтеристички се вложив во тој проект уште пред дваесетина години и така тоа стана составен и неизоставен дел од мојата професионална ориентација тука. Таквиот процес на промоција и афирмација не одеше ниту брзо ниту лесно, сè уште се наоѓаат и потешки пречки и опструкции на патот од различни места, но упорноста ми е една од клучните особини на карактерот, па затоа сум решен да продолжам со исто темпо и во иднина. За жал, македонскиот јазик како предмет беше затворен на Филозофскиот факултет при Универзитетот “Коменски“ во Братислава во 2022 година, но затоа, пак, од оваа година ќе се отвори на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра каде што се изучуваше факултативно и во периодот од 2008 до 2011 година. Со оглед на тоа што Нитра како словачки кирилометодиевски центар е, впрочем, понаклонета кон благодетите на македонистиката, верувам дека и интересот за изучување на македонскиот јазик кај редовните и вонредните студенти ќе станува сè поголем.
Кои се плановите во оваа насока за во иднина?
З.Т.- Се чини дека во тој поглед ќе биде најважно ако се официјализира наскоро и Лекторат по македонски јазик на Универзитетот во Нитра кој потоа ќе добива редовна институционална поддршка и од македонска страна. Тоа ќе претставува и стимул и мотивација да се сработи и уште повеќе, а воедно и да се образуваат идни академски кадри кои со своите стекнати знаења ќе продолжат да го развиваат веќе трасираниот пат на зближување меѓу македонското и словачкото општество во сферата на културата. Останатите планови и не се осмислуваат многу долго однапред, можат да дојдат дури и ненајавено и неочекувано, ама како и да е, секогаш кога ќе излезе погодна прилика за добар проект, со нескриено задоволство ќе учествувам во неговото остварување.Колку сите овие проекти придонесуваат за продлабочувањето на мисијата на словачко-македонските врски?
З.Т.- Иако живееме во турбулентно инстант-време кога брзо се забораваат постигнатите резултати од овој вид, дотолку повеќе што и културата и науката се помалку финансирани и прокламирани за разлика од другите сектори кои се првенствено поврзани со економијата и политиката (во сооднос и со глобалните случувања наоколу), сметам дека токму во овој домен треба постратегиски да ги насочиме своите заложби за промислено промовирање низ светот, бидејќи токму придобивките од културната дипломатија се најскапоцени во поглед на зајакнувањето и на етаблирањето на нашиот комплексен идентитет и надвор од границите на нашата земја.
Танески е автор на поетските книги: Отворени врати (1995), Хорот на гнилите лисја (2000), Срт (2003), Чоколада во портфолио (2010), Нежности без гарантен лист (2012) и Чекајќи ја историјата (2016) и други. Негови песни, есеи и културолошки согледби се уште преведени и објавени на англиски, италијански, шпански, словенечки, српски, хрватски, албански, бугарски, есперанто, руски, украински, полски, чешки и словачки јазик, а исто така, дел од неговото творештво е уште публикувано или претставено, на различни јазици, во Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Италија, Шпанија, Латвија, Р. Ирска, Чешка, Словачка, Полска, Русија, Индија, Филипини, Колумбија и САД. Добитник е на наградата “Ацо Караманов” за 1998 година, но и на повеќе значајни меѓународни награди за поезија, наука и превод: наградите за поезија: од C. R. I. C. за млади уметници од медитеранските и балканските земји (Реџо Калабрија – Италија, 1995), „Бели мугри“ (Скопје, 2012), златен медал “Poet laureate” (Манила – Филипини, 2013), плакета за целокупно поетско и научно творештво и за посебни заслуги во областа на славистиката од Ректорот на Универзитетот во Варна во рамките на меѓународниот книжевен фестивал “Словенска прегратка“ што го организира Словенската литературна и уметничка академија (Бугарија, 2015) и др., за најдобар книжевен превод – „Златно перо“ (за преводот на делото „Патагонија“ од Душан Митана во 2013 година) од Сојузот на литературните преведувачи на Македонија, како и наградите за научен есеј: на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје (1999, 2000, 2001), на Институтот за јазична и стручна подготовка на странски студенти и докторанди (ÚJOP) во Братислава (2003), на меѓународното списание „Корени“ за 2013 година, потоа меѓународната награда „Гоцева мисла“ што ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација „Македонија презент“ од Скопје за севкупен ангажман и придонес на планот на афирмацијата и презентацијата на македонската литература и култура во странство (2016) и др. Член на Словачкиот ПЕН центар и на Клубот на независни писатели при Асоцијацијата на писателски организации на Словачка, како и на многу други реномирани светски книжевни и научни здруженија. Тој е и организатор и делегат на педесетина литературни конференции и фестивали низ Европа, а, исто така, и раководител и соработник на неколку меѓународни научно-истражувачки проекти.