Home » Одбележан јубилејот 70 години ООУ „Славко Лумбарковски“ – Новаци

Одбележан јубилејот 70 години ООУ „Славко Лумбарковски“ – Новаци

by culturalchat

Во салата на Општина Новаци се одржа свечена промоција на монографијата на ООУ „Славко Лумбарковски“ – Новаци, насловена „70 години знаење, традиција и визија“, со која беше одбележан значајниот јубилеј – седум децении постоење и развој на училиштето. Монографијата претставува вреден документ кој ја отсликува историјата на училиштето, неговиот континуиран раст и улогата што ја има во образованието и воспитувањето на многубројни генерации ученици. Преку богат архивски материјал, фотографии и сведоштва, се прикажува патот на институцијата од нејзините почетоци до денес.

На настанот присуствуваа претставници од локалната самоуправа, наставници, поранешни и сегашни градоначалници, директори на училиштето, ученици и бројни гости, кои заеднички се потсетија на успесите, предизвиците и значајните моменти од развојот на училиштето. Присутните ги поздрави градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски. Монографијата е резултат на посветената работа на Васко Гичевски, Билјана Цветковска и Анета Соклевска, кои работеа на овој проект повеќе од шест месеци. Рецензент на книгата е проф. д-р Даниела Андоновска – Трајковска. Во уредувањето на книгата беа вклучени и Анастасија Петрова – Мушовска (дизајн на корица) и Марина Трајчевска (техничка обработка), додека главен и одговорен уредник е Вецко Стојчевски, директорот на училиштето.
Промоцијата беше и можност да се изрази благодарност до сите кои со својата посветеност и работа придонеле за изградба на квалитетен образовен процес и за афирмација на училиштето како значаен столб во локалната заедница. Општина Новаци останува посветена на поддршка на образованието и создавање услови за понатамошен развој и унапредување на воспитно-образовниот процес, поддржувајќи ги ваквите проекти.

Related Articles