По повод 80 години од формирањето на Црвен крст во Македонија, синоќа во Офицерскиот дом во Битола, се одржа свечен настан под мотото „80 години, Ние гледаме луѓе“. На настанот беше нагласено дека, во изминатите 8 децении Црвениот крст, посветено и непоколебливо работеше на поддршка на ранливите категории на население, ширење на хуманите вредности и обезбедување на помош во моменти на кризи и потреба.
Како благодарност за поддршката од локалната самоуправа, во реализација на оваа мисија и приближувањето на програмите и услугите до граѓаните, Црвениот крст додели јубилејно признание за Општина Битола, кое му беше врачено на градоначалникот Тони Коњановски.
„Осум децении, посветеност, хуманост, емпатија и пожртвуваност за доброто на сите луѓе, навистина претставува јубилеј достоен за огромна почит, но и континуирана поддршка. Она што за Црвен крст претставуваат резултати во изминатите 80 години, за нас секоја година, претставува мотив што е можно повеќе да се зајакне соработката и да им се даде поддршка на оние на кои истата им е најпотребна. Од година во година, градиме силни врски и партнерства насочени кон згрижување на бездомните лица и лицата во ризик, лицата со попреченост, старите лица.
Тука, ќе потсетам само на неколку заеднички активности кои ја одбележаа минатата година:
– Финансиска поддршка за интервентивно згрижување на лица кои, поради непредвидени околности како елементарни непогоди или пожари, останале без дом. За време на студените бранови, беше обезбедено привремено сместување за бездомници и ризични групи, вклучувајќи и деца, што значително ја зголеми безбедноста на овие лица во критични моменти.
– Во рамки на проектите за поддршка на лицата со попреченост, Општина Битола, заедно со Црвен крст, спроведе обука за 10 лични асистенти кои се сертифицираа и можат да работат со договор на дело, со исплата на сатница во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади. Оваа иницијатива обезбеди значителна поддршка за лицата со попреченост, зголемувајќи ја нивната социјална инклузија и подобрувајќи ги условите за нивно достоинствено живеење.
– Општина Битола, заедно со Црвен крст, поднесе апликација за капитални инвестиции во Министерството за социјална политика, демографија и млади, која е насочена кон изградба на дневен центар за стари лица со активно стареење, што ќе обезбеди дополнителни услуги и поддршка за постарите лица во заедницата, со цел да се подобри нивниот квалитет на живот и да се овозможи нивно активно учество во општеството.
– Едно од најзначајните хуманитарни дела заедно со Црвен крст беше крводарителската акција во просториите на општина Битола, која беше успешно спроведена со големо учество на доброволци од заедницата. Оваа акција не само што обезбеди крв за лица во итна потреба, туку и ја зголеми свеста за важноста на редовното дарување крв како основна хуманитарна активност.
Со голем број иницијативи, продолжуваме посветено да работиме на подобрување на социјалната заштита, да ја промовираме солидарноста и хуманоста, обезбедувајќи грижа за ранливите категории и создавајќи поинклузивна и поддржувачка заедница.
Во оваа прилика, сакам да ја искажам мојата неизмерна благодарност до Црвениот крст, за сите активности и идеи и верувам дека на овој начин, успешно ќе соработуваме и понатаму.