„Да ја имаш можноста да ја работиш и да ја играш претставата со актерите и целата екипа ( Музика, Сцена, Светло, ) во Загреб, пред Загребска публика е прекрасно“, ни изјави битолскиот актер Огнен Дранговски после премиерата во претставата „Новиот Сатана“ во Загреб. Овој театарски проект се изведе на 31 ви март а потоа имаше уште две изведби наредните денови, и е копродукција на естонскиот театар, Ваба Лава од Талин, естонската продуцентска куќа R.A.A.A.M. и Евроказ оз Загреб, во соработка со Музејот на современа уметност од Загреб, на чија сцена беше изведена претставата.Режисер е Бранко Брезовец, а негова е и адаптацијата на текстот, заедно со Гордана Внук. Музиката му беше доверена на Станко Јузбашиќ, сцената на Ивана Кнез, а костимите на Сузана Брезовец. Раскошниот актерски ансамбл го предводи битолскиот актер Огнен Дранговски во улогата на Иларија Шалиќ, потоа Пашко Вукасовиќ како неговиот син Иља и Сузана Брезовец, која ја играше неговата сопруга Мара. Тука се и Ена Јагец , Франо Машковиќ, Борна Балетиќ, Лоренцо Раушевиќ, Синиша Милетиќ, Дамијан Хумски и други.
Се работи за драматуршка комбинација на два шаблони: драматизација на романот „Неволјите на Новиот Сатана“ на естонскиот класик Антон Хансен Тамсааре и драмата на Јосип Косор, ремек-делото на хрватскиот експресионизам Оган на страста.„ Сатаната се спушта на Земјата според упатствата на небесните сили и управа, но не за да го уништи светот, туку за да заработи спасение преку чесна работа и морален живот. Ако сатаната успее да стане чесен смртник, ќе се потврди дека Бог не згрешил во создавањето на Вселената, туку човекот е тој што живее грешно. И ако е така, тогаш тоа е право и должност на Рајот да испрати човечки души во пеколот. Но, дали сатаната ќе успее?“, е дел од претставата. Оваа претстава, како и во сите дела на Брезовец, допира неколку различни теми, а мотивите, заедно со нив, се борат за еднаков статус. Тука се поставуваат прашањата: дали човечкиот живот е грев или грешка?
Можеме или мораме? Дали ни е дозволено да ги сакаме нашите желби?
Ова не е прва соработка на Дранговски и Брезовец, имено се сеќаваме на претставата „Травничка Хроника“ на сцената на Битолскиот театар . Повеќе за претставата од разговорот со Дранговски.
Кои се впечатоците сега после премиерата?
О.Д.- Како и после секоја значајна премиера, горко слатки.
Каков беше процесот на работа?
О.Д.- Процесот на работа беше неизвесен, силен, креативно предизвикувачки, како што треба. Иако целиот процес се соочи со некоку прекини прво заради Ковидот, потоа заради термини на колегите, се одложи и се оддолжи 2 и пол години. Но особено е значајно што сепак играм на хрватски јазик, иако го владеам добро, сепак кога играш на туѓ јазик сосема е поинаку. Сценскиот настап е сосема нешто друго и треба целосно посветување да се совлада јазикот, да не остане пречка туку напротив да стане уште една моја алатка за сценско дејствие. Секогаш за мене е благослов да работам во нови средини, со нови луѓе, да се соочам со други креативни размисли, други културолошки навики, и тоа е дел од процесот, тоа станува моја инспирација и секогаш наоѓа начин да се смести во мојата игра.
Што за тебе значи играњето во оваа претстава?
О.Д.- Значи среќа!!! Да ја имаш можноста да ја работиш и да ја играш претставата со актерите и целата екипа ( Музика, Сцена, Светло, ) во Загреб, пред Загребска публика е прекрасно. Како доближуваше премиерата се повеќе ме обземаше оној препознатлив немир кога наближува нешто важно. Тој ист немир кој те прави жив, бунтовен, благ, љубопитен и се’ што треба да биде комплетно доживување. А првата средба со публиката , …Непроценливо…
Каква е соработката со Брезовец( со оглед што не ви е прва соработка)?
О.Д.- Одамна сум рекол дека Брезовец за мене е своевиден Фон Триер на театарот, ако го поминеш се’ ќе биде различно. И овојпат неизостана неговата незаситна потреба да извади од актерот се’ што се може и а и не. Секогаш доаѓаме до резултат кој не сме ни сонувале дека може да се изведи. Но во исто време и отворен е за предлози кои и те како влегуваат во крајната претстава, но тие предлози мора да се длабоко од ликовите кои ги играме и кои ќе се провејуваат низ целата претстава.
Плус овој пат самата постановка бараше и многу микро игра, многу тивка и спора, но сепак супер интензивна. И тука е некаде клучот на Брезовец, неверојатно успешно успева да вплети крајно контроверзни барања, од ужасно енергични до скоро шепнати, и тоа понекогаш и во реченица, а камо ли за целата претстава.
Каква е соработката со Евроказ?
О.Д.- Соработката со Еуроказ како и секогаш е инспиративна, затоа што скоро секогаш се занимаваат со не класични простори, несекојдневи читања на големи класични дела, третирање на се што е околунас како дел од претстата. Секој звук, секое движење станува важно. Се на се се занимаваат со целосен театар. Ретки се таквите продукции. Имав среќа да гледам и неколку други нивни претстави , во други простори, во сите има некој повишен артизам , во позитивна насока се разбира, но во сите продукции, гледачот има многу важна улога, секогаш се мисли на него. И покрај целиот посветен театар , публиката е многу важна.
Да го опишеме твојот лик. Кој е всушност Иларија?
О.Д.- Иларија Шалич, богат земјопоседник во село во Славонија. Има проблем со соседот Гуша Ригалин, сиромашен, кој секоја година малку по малку му кради по една бразда од нивите… Тоа е главниот пробем на драмата, земјата. Иларија иако свесен дека е краден од Гуша, сепак неговата побожност не му дозволува да се му се спротиви , не од страв туку од принцип. Накратко не сака да допира во злото бидејќи е свесен за какво зло е способен како што и гледаме на крајот. Но во претставата Иларија и Гуша понекогаш како да се еден лик, се преклопуваат и емотивно и сценски, понекогаш мислите на едниот се зборови на другиот. Тие се антиподи.
На крај што самата претстава пренесува како порака?
О.Д.- Претставата во овој миг е многу актуелна. Започнува со премисата дека Сатаната оди кај Св, Петар на кавга, бидејќи не стигаат души во пеколот, и единствениот начин да продолжи пеколот со работа е самиот Сотона, да земи земен облик и да помини еден безгрешен живот на земјата. А тоа испаѓа една невозможна мисија. Се соочува со се што човештвото се соочува во моментот, војни, глад, убиства, неверства, смрт….во текот на процесот започна и војната во Украина, и грабањето на земја доби сосема друга конотација. Низ звуците и ужасите на војната и грабањето, Сотоната не ги исполнува условите за влез во рајот, со тоа и пеколот престанува со работа, па прашањето е каде е пеколот , горе, долу или тука.
За осветлувањето беше задолжен Томислав Маглечиќ, звукот го направи Грегор Томљеновиќ, а уметничките интервенции се дело на Марта Црнобрња. Продуцент на претставата е Марко Миловац, претпоставен е Миа Кракан, а за техниката се погрижија Иван Сиротиќ Граф и Зоран Стојковски.