Home » НУУБ. „Св. Климент Охридски“ – Битола го одбележа 81.роденден

НУУБ. „Св. Климент Охридски“ – Битола го одбележа 81.роденден

by culturalchat

Со свечена програма беше одбележан 81-от роденден на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола. Настанот започна со поздравен говор на директорката м-р Емилија Стефановска-Давкова , која ги истакна минатогодишните успешни настани и достигнувања и продолжи со овогодинешните планови: „ Оваа година, како значајна културна институција, за првпат добивме делегиран буџет, што ни овозможува подобра реализација на клучни проекти. Ќе продолжиме со богата библиотечна програма за сите возрасти, како и со активна меѓународна соработка преку учество на значајни настани и партнерства, за оваа година со Алхамбра- Гренада -Шпанија, Мароко- Казабланка, Даблин-Ирска, Сплит-Хрватска и секако на ИФЛА најважната интернационална федерација на библиотекарските асоцијации која ќе се одржи во Бусан-Јужна Кореја. Посебен фокус ставаме на унапредување на условите за корисниците. Ќе ја доопремиме просторијата за музикалии во современ мултимедијален простор за некнижниот фонд на библиотеката, наменет особено за младите и истражувачите. Дополнително, ќе го уредиме музејскиот дел со застаклување на изданијата на Библиотеката и други раритетни книги и стари ракописи. Во рамки на тоа, ќе направиме и соба на св. Климент Охридски , со што во преговори со туристичките агенции планирам да се реализираат туристички посети со влезница со симболична сума за што туристите ќе го видат и нашето пишано наследство, како и првите печатарски машини од Гутенберг на коишто е испечатен вториот број на весникот Нова Македонија и Прогласот на АСНОМ, со што придонесуваме за развој и на културниот туризам. Во делот на издаваштвото за оваа година имаме аплицирано за библиографии за роднокрајните автори, посебна книга за роднокрајните автори, како и книга за богатата меѓународна соработка на Библиотеката со истакнати Светски центри и библиотеки. А, најважно, во делот на инвестициите, очекуваме конечно да се обезбедат средства за санација на кровната покривка на старото, историско крило на Библиотеката, кое е дел од објектите на Широк Сокак и претставува значајно културно наследство. Оваа интервенција е од суштинско значење за заштита и зачувување на објектот. Паралелно, продолжуваме со дигитализација и заштита на ретките книги, со цел тие да бидат достапни и за идните генерации. Уверена сум дека со заедничка енергија – на сите вработени во библиотеката, заедно со сите граѓани, наставниците, учениците, студентите, професорите, истражувачите и сите љубители на книгата – ќе ја зацврстиме и унапредиме улогата на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола како амблем на знаењето, инспирацијата и културниот развој во нашиот град и пошироко.“Пред присутните на настанот беше промовирана книгата од проф. д-р Зоран Пејковски, „Св. Климент Охридски во современата македонска творечка инспирација“. Овој истражувачки труд ја третира природата и карактерот на творечкиот и креативниот гениј Св. Климент Охридски од времето на неговото дејствување преку сите креативни форми создавани под негово влијание во духовниот и културниот развој на македонски терен пројавени на синхрониски и дијахрониски план, како и неговата инспиративна пројава во современото уметничко творештво во Македонија – со главен акцент на книжевните остварувања, но и во документарната и филмската продукција. Промотор на книгата беше почитуваната проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ од Институт за македонска литература при УКИМ која пред присутните зборуваше за значењето на книгата која го опфаќа целокупното културно творештво посветено за Св. Климент Охридски во нашата држава.Во оваа прилика беа доделени традиционално и наградите „Роднокраен автор за 2025“ во категориите поезија, проза и животно дело, како и признанијата „Читател на годината“ за 2025 година во неколку категории. Тричлената комисија едногласно ги додели наградите на роднокрајните писатели во следниве категории:
 Наградата за „Животно дело на Роднокраен автор од Битола“ ја доби Зоран Пејковски,
 Наградата за “Роднокраен автор за 2025 година “-поезија ја доби Ели Маказлиева,
 Наградата за “Роднокраен автор за 2025 година “-проза ја доби Гордана Такец.
Секој читател е гордост на библиотеката, затоа и оваа година традиционално за вљубениците во книгата кои изнајмиле и прочитале најмногу книги во 2025год беа доделени наградите во следните категории: Категорија претшколски деца: Димитра Георгиева, Ана Артиновска, Категорија основци: Ана Ѓоргиоска, Димитар Алачкоски. Категорија средношколци: Јована Јанева, Ема Вељаноска. Категорија возрасни: Силвана скерлевска, Бранко Кулушески. Категорија пензионери: Марика Мицевска, Анастасија Шалевска.
Овој роденден ни го збогатија и учениците од Музичкото училиште со 3 музички точки :
1.К. Дебиси: Мала свита – “На бродот”; Ангела Момировска и Тамара Василевска – II клас – пијано дуо класа: проф. Горјана Стојановскa,
2.A. Дворжак: Романтични пиеси оп.75, I. Allegro moderato; Анастасија Јанкуловска виолина III клас и Мила Нечовска – пијано I клас-дует-класа: проф. Тања Котевска,
3.Ј. де Абреу: Тико Тико; Јана Стојковска III клас и Мила Петровска III клас -пијано дуо – класа: проф. Вера Поповска.Модератор на настанот беше актерката Јулијана Мирчевска. Настанот заврши со честитки до наградените и пригоден коктел.

Related Articles