МЕТАЛМАНИЈА е музичка емисија која заедно со нејзините почитувачи, веќе 25 години живее низ македонскиот етер. Почетоците на емисијата се на една локална телевизија, во далечната 1996 та година, најпрво како ХЕВИ МЕТАЛ ТОП 5 листа, а од 1999 година продолжува со нејзиното сеуште препознатливо име – МЕТАЛМАНИЈА. Во емисијата се презентираат видео спотови од групи кои ја држат во живот Хард рок музиката, се до оние кои ја свират и дет метал музиката Целта на емисијата е промовирање на македонската андерграунд сцена и слободно може да се каже дека, авторот на емисијата, Агим Џело, целосно успева да ја реализира својата замисла. Аргумент плус во оваа насока е и фактот што низ емисијата, досега поминале голем број на македонски рок и метал групи, многу видео спотови, за првпат биле промовирани токму во МЕТАЛМАНИЈА, во која Агим Џело, често ги следи и свирките на битолските и македонските групи, а голем простор во емисијата издвојува и за рок концертите и фестивалите кои се одржуваат низ државата и во соседството и на кои се снимени бројни интервјуа со многу светски групи како Apocalyptica, Whitesnake, Deep Purple, Kreator и многу други.Ова потврдува дека МЕТАЛМАНИЈА низ 25 годишниот раст, отстапува голем простор покрај за македонската алтернативна сцена и за светската рок и метал сцена. По повод големиот јубилеј на МЕТАЛМАНИЈА, а со поддршка од Министерството за култура, во недела на 25 ти август во Кафе бар Везилка, со почеток во 20:00 часот, ќе се одржи проекција на посебна, јубилејна емисија и изложба на тема „25 години музичка емисија МЕТАЛМАНИЈА“. Настанот насловен „Ноќ со Металманија“ е замислен како целовечерно дружење и забава за гледачите и вљубениците во емисијата, а се реализира во рамките на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“ со поддршка од Општина Битола.